ЕК: Се финализираат документите за нацрт рамките целта ни е тоа да биде што е можно поскоро

од Берта Китинска

Европската Комисија (ЕК) сѐ уште не ги „финализирала“ преговарачките рамки за Македонија и Албанија. Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, повеќепати изјави дека тие ќе бидат се објавени во јуни, јави дописничката на МИА од Брисел.

Портпаролката Ана Писонеро, одговарајќи на новинарско прашање денеска изјави дека „Комисијата сѐ уште работи на текстови на нацрт рамките“.

– Ги финализираме документите, немаме датум кога тие ќе бидат презентирани, но целта ни е тоа да биде што е можно поскоро, рече Писонеро.

Преговарачките рамки се најавуваат од почетокот на овој месец од страна на Европската Комисија. Тие нема да бидат достапни за јавноста, предупредија од ЕК, ќе се објави само соопштение. Овие нацрт рамки им се предаваат на земјите членки во Советот на ЕУ, кои потоа треба да ги одобрат, и евентуално модифицираат.

Според агендата на Советот, не се очекува тие да бидат на дневен ред ова лето, бидејќи во наредните недели интензивно се преговара за буџетот на ЕУ.

Слични содржини