ЕУ: Ништо од патувањата за годишен одмор?

од Aleksandar Petrovski

Ако има одмор по коронавитус пандемијата, најверојатно ќе биде во локални рамки. Министрите за туризам на ЕУ немаат временски план за заживување на патувањата.

Кога и како ќе се отворат границите за патнички сообраќај, никој не може со сигурност да каже во моментот, рече парламентарниот државен секретар Томас Барајс, кој е надлежен за туризам во германското Министерство за економија. „Германските туристи веројатно нема да патуваат во Шпанија или Грција во текот на летото“, проценува Барајс. Поверојатно е дека Германците ќе останат во својата земја или регионот оваа година. „И тука има прекрасни дестинации“.

Економската состојба во туристичката индустрија не е катастрофална само во јужна Европа, околу Средоземното море, туку и во Германија. Оваа година, туристичката индустрија оваа година смета на намалување на резервациите за пакет аранжмани и до 70 отсто. Туристичките компании можат да бидат најтешко погодени, со загуба на работа до 90 проценти, проценува Европската комисија во Брисел.

Хрватскиот министер за внатрешни работи Давор Божиновиќ, по видео конференцијата со своите колеги, најави дека отворањето на границите во рамките на ЕУ и нејзините надворешни граници ќе биде многу претпазливо. „Сите се согласуваме дека мора пред сè и најважно да спречиме нови бранови на инфекции“. Тој не прецизираше конкретни планови.

Се очекуваат големи загуби

Во Европската унија, туристичката индустрија учествува со 10 проценти во бруто домашниот производ (БДП). Во некои земји, како што се Грција или Малта, учеството на индустријата во БДП е од 20 до 25 проценти.

Според Европската комисија, Шпанија заработува околу 145 милијарди евра на годишно ниво од туризмот, а околу 240 милијарди евра германските хотели и туристичките агенции. Во „изворниот пазар“ Германија, од каде доаѓаат многу туристи, штетата е уште поголема отколку во традиционалните „целни пазари“, како што се Шпанија или Италија.

Кога ќе биде возможно патувањето?

Гари Капели, министер за туризам на Хрватска, земја која моментно претседава со ЕУ, изрази очекување дека северните Европејци ќе патуваат на југ во текот на летото, и покрај пандемијата, што би претставувало еден вид европска солидарност. „Ни треба заеднички план за обнова на туризмот“, рече Капели. Тој додаде дека е потребен заеднички здравствен концепт и дека на сите патници и организатори може да им се издаде еден вид „корона-здравствен пасош“.

Министерката за туризам на Малта, Јулија Фараџа Портели, бара заеднички стандарди на ЕУ кога станува збор за здравствената заштита во хотели, рестораните, авионите и плажите. „Постојат ризици, но ние треба да се справиме со нив“, рече Фараџа Портели на министерскиот состанок.

Другите влади се повоздржани и одат по свој пат. Австрија, на пример, ги отвора своите хотели на 29 мај, но тие треба да примат гости само од соседните земји и по можност региони каде што стапката на инфекција е ниска. Австрискиот канцелар Себастијан Курц предлага австријците да ги поминат своите летни одмори, во оваа вонредна корона година во матичната земја.

Плексиглас и коридори

Италијанските хотелиери и сопствениците на плажи развиваат необични концепти за да им овозможат на идните гости потребното растојание. Така, ппреградни плочи од плексиглас треба да бидат поставени на плажите, хотелите треба да бидат пополнети само половина, хотелските ресторани треба да послужат само едно јадење, а растојанието меѓу масите треба да биде на два метра.

Грција, исто така, размислува за еден вид западен европски туристички коридор. Патниците кои имаат потврда дека се здрави, ќе се качат на специјални авиони и ќе пристигнат во проверените туристички одморалишта без корона, го опиша концептот грчкиот министер за туризам Карис Теокарис.

Билети за плажи се разгледува во Белгија. Некои други министри за туризам предлагаат годишни одмори во внатрешноста на земјите, за да се растеретат хотелите и плажите.

Сепак, сè уште не е познато кога одговорните министри за внатрешни работи на ЕУ ќе презентираат усогласен план за отворање граници за туристите. Официјални лица во Европската комисија, кои треба да изготват упатства за туристички сообраќај, се воздржани. Прво, секоја земја треба да ги укине наметнатите ограничувања, тогаш патувањето во соседните региони би било можно. Последователно, би било можно да се патува во соседните земји и само тогаш да се изврши внатре-европски воздушен сообраќај.

Сосема е нејасно кога повторно ќе бидат можни туристички патувања во Азија, САД и други делови на светот.

Доверба на туристите

И, конечно, доаѓаат туристите кои треба да го доживеат сето тоа како релаксација и одмор. Прашањето е, дали тие некогаш ќе бидат подготвени за одмор на плажа зад плексиглас, без забави, спорт или разгледување во групи? Марија Фронтера, претседател на здружението на сопственици на хотели Фехм од шпанскиот остров Мајорка, смета дека сега е пред сè и најважно да им се даде на туристите чувство на сигурност.

„Не се работи за тоа да се постигне ситуација како што беше пред кризата, туку за постигнување на потребната безбедност. Треба да им ја вратиме довербата на туристите и да не правиме грешки. Дестинациите кои први ќе ја имаат ситуацијата под контрола ќе бидат во предност кога еден ден сè повторно ќе тргне“, изјави Марија Фронтера за„ Мајорка-магазин “.

Светската туристичка организација, агенцијата на Обединетите нации, проценува дека 96 отсто од сите туристички дестинации во светот нема да бидат достапни за време на корона пандемија. Генералниот секретар на организацијата, Зураб Поликашивли, кој присуствуваше на состанокот на министрите на ЕУ, повика на укинување на ограничувањата што е можно поскоро.

„Оваа криза ни ја покажа силата на прекуграничната солидарност. Но, само љубезните зборови нема да заштедат милиони работни места за луѓето кои работат во туристичкиот сектор “, посочува Поликашивли и бара поголема помош за реконструкција. „Бараме да му се помогне на туризмот за да може да биде лидер во обновата на економијата“.

Слични содржини