ЕВН повторно не може да влезе во Слупчане, жителите бараат да не плаќаат повеќе од 3000 денари за струја

од Nikola Popovski

Екипите на ЕВН повторно имаа проблеми во селото Слупчане, откако се обиделе да направат реконструкција на електродистрибуциската мрежа. Жителите ги попречиле во нивната работа, поставувајќи нови блокади во селото.

Од Електродистрибуција велат дека повторно се соочуваат со вербални и физички закани од мештаните. На терен била присутна и полицијата.

Жителите на селото имаат свои барања, меѓу кои дел од нив се отпис на долговите, иако тие се во износ од неколку милиони евра, да плаќаат ограничена цена од 3.000 денари за струја по семејство без разлика на потрошените киловати, како и верските објекти да бидат ослободени од плаќање.

На почетокот на месецов , слупчанци го блокираа главниот пат кон селото и палеа гуми со цел да ги спречат екипите на ЕВН да си ја завршат својата работа. Во обид сами да го средат дефектот, предизвикаа поголем дефект и без струја останаа селата Оризаре, Ваксинце и Лојане.

Министерот за економија, Крешник Бектеши тогаш информираше дека разговарал со градоначалникот на општина Липково, Еркан Арифи. и дека проблемот се реши.

Разговарав со градоначалникот Арифи, кој заврши одлична работа, колку што имам информација, разговараше со сите населени места, ако треба да помогнеме како Министерство за економија ќе помогнеме, за да излеземе во пресрет на жителите не само во Слупчане туку и во другитенаселени место. Но морам уште еднаш да кажам дека сите граѓани имаат обврска да плаќаат за потрошената електрична енергија, кажа Бектеши.

Пред два месеци, исто така имаше блокади на влезот на селото. Според ЕВН, вкупните годишни загуби поради кражби во село Слупчане изнесуваат над милион евра. 80 отсто од годишната потрошена енергија се краде, а само третина од 20% фактурираната енергија се наплаќа.

Слични содржини