Фаучи: Делта сојот на корона причина за повеќе од 80 проценти од новите случаи во САД

од Stefanija Kuzmanovska

Ентони Фаучи, водечки американски експерт за заразни болести, изјави дека делта сојот на коронавирусот предизвикал повеќе од 80 проценти од новите случаи во САД.

– Одобрените вакцини се ефикасни повеќе од 90 проценти од случаите во спречување на хоспитализации и смртни случаи – рече Фаучи, еден од членовите на тимот на Белата куќа за одговор на пандемијата на ковид 19, за време на дебатата во американскиот Сенат.

Дебатата, објави Ројтерс, беше обележана и со расправата со републиканскиот сенатор Ренд Пол, кој го обвини Фаучи за кажување невистини за Националниот институт за здравство што обезбеди финансирање за истражување на кинескиот институт за вирусологија во Вухан – првичниот епицентар на глобалната пандемија на ковид, пренесе „Гласот на Америка“.

Потеклото на коронавирусот стана тема на жесток партиски конфликт во САД. Републиканците поттикнаа истражување дали е развиен во лабораторија во кинескиот град Вухан.

Делта сојот на коронавирусот беше откриен во Индија на почетокот на 2021 година. Оттогаш, тој стана доминантна верзија на вирусот во САД и другите земји. Досега е откриен во повеќе од 90 земји.

Слични содржини