ФДА: Фајзер може да се чува во фрижидери и до еден месец

од Nikola Popovski

Американската управа за храна и лекови (ФДА) објави дека вакцината против Ковид-19, која заеднички ја развија компанијата Фајзер и германскиот Бајонтек, може да се чува многу подолго на температури повисоки од првично препорачаните.

Федералната агенција верува дека вакцината, која се дава во две дози, може да се чува во стандардни фрижидери на температура од 2 до 8 степени целзиусови и до еден месец по одмрзнувањето, наместо претходно препорачаните пет дена, пренесува „Гласот на Америка“.

ФДА пропиша во декември, кога одобри итна употреба на вакцината Фајзер, дозите да се чуваат на екстремно ниски температури од минус 80 степени целзиусови.

Питер Маркс, директор на Центарот за биолошки истражувања и проценки при ФДА, рече дека ревидираните препораки ќе ја направат вакцината „подостапна за американската јавност, така што оние што вакцинираат пациенти, како што се помалите лекарски ординации, ќе можат да добијат и складиште за вакцината“.

Слична препорака за вакцината Фајзер беше објавена на почетокот на неделава од Европската агенција за лекови (ЕМА).

Водечкиот американски епидемиолог Ентони Фаучи изјави дека на оние кои веќе биле целосно вакцинирани против коронавирус во период од една година по последната доза, можеби ќе им треба уште една.

Директорот на Националниот институт за алергии и инфективни болести и главниот медицински советник на американскиот претседател Џозеф Бајден во неделата изјавија дека оваа дополнителна доза може да биде неопходна бидејќи почетната имунизација генерално „не е доживотна“.

Слични содржини