Фестивалот „Егзит“ ја напушта Србија поради поддршката за студентите?

од Nikola Popovski
79 прегледи

Дел од светските медиуми објавија дека фестивалот „Егзит“ размислува да ја напушти Србија и дека овогодинешното издание на култниот фестивал би можело да биде последно во таа земја.

Магазинот „IQ“ објави дека организаторите соопштиле дека фестивалот можеби ќе биде принуден да ја напушти Србија поради нивниот став за актуелните студентски протести, кои започнаа како реакција на смртта на 15 лица при уривањето на настрешницата во Нови Сад.

„Како фестивал роден од студентското движење низ Србија, тимот на Егзит јавно застана на страната на студентите и им обезбеди храна, вреќи за спиење и други материјали“, пишува „IQ“.

Сега организаторите велат дека овогодинешниот фестивал би можел да биде последен во Србија, каде што се одржува веќе 25 години, поради „зголемениот притисок и заканите насочени кон замолчување на правото на слободно изразување“.

„Се соочуваме со зголемен притисок“

„Веќе 25 години „Егзит“ беше симбол на слободата и позитивните општествени промени, роден како студентско и младинско движење за мир и демократија во Србија и на Балканот. Набргу по неговото основање, прераснавме во еден од најголемите светски музички фестивали, носејќи повеќекратни награди за најдобар европски фестивал во Србија, заедно со речиси 300 милиони евра приход од туризмот“, рекле организаторите за „IQ“.

„На наше длабоко жалење, бидејќи застанавме во солидарност со студентите во нивната тековна борба за поправедно и потолерантно општество, се соочивме со зголемен притисок и закани кои имаат за цел да го замолчат нашето право на слободно изразување. Затоа сега сериозно размислуваме да ја напуштиме Србија“, додаваат тие.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by EXIT Festival (@exitfestival)

„Сепак, на нашиот роден град и на нашата верна публика ширум светот му должиме последен танц на Петроварадинската тврдина. Затоа целиот наш тим е порешителен од кога било да го направи овогодинешното издание најемотивното и најнезаборавното досега. Ако бидеме принудени да заминеме, тоа ќе го направиме со кренати глави, носејќи го истиот дух на независност и солидарност каде и да одиме“, заклучуваат организаторите.

Фестивалот е основан од студенти од Нови Сад во 2000 година. Првата година се одржа на новосадската плажа Штранд, а по една година се пресели на Петроварадинската тврдина. Наскоро прерасна во голем фестивал, познат низ цела Европа. Во 2007 година, во Лондон беше избран за најдобар европски фестивал.

Оваа година фестивалот е предвидено да се одржи од 10 до 13 јули.

Слични содржини