Фетел ги отфрли обвинувањата за валкана игра против Мерцедес

од desk2

Себастијан Фетел ги отфрли категорично обвинувањата дека од Ферари намерно се стремат да ги исфрлат конкурентите од Мерцедес од трките.

На два пати во последните три старта, пилотите на „Скудерија“ предизвикаа инциденти, откако прво Фетел го удри Ботас во Франција, а вчера Кими Раиконен ги елиминираше шансите на Луис Хамилтон за победа на „Силверстоун“.

Британецот, како и целиот тим на „сребрените стрели“, сосема очекувано се бесни од она што се случило и навестуваат валкани активности од ривалите што беше негирано од Фетел, кој победи на трката и поведе со 8 поени на табелата.

„Глупаво да се мисли дека она што се случува било намерно. Многу ми е тешко да бидам толку прецизен за да елиминирам некого, а јас да продолжам. Во Франција го оштетив моето предно крило, па и јас страдав. Едноставно, инциденти се можно да се случат и воопшто не мислам дека треба да се оди во оваа насока“, изјави Фетел, кој беше задоволен од победата.

„Безбедносното возило малку ги побрка работите, но битката со Валтери беше цврста. Тој притскаше, но јас имам предност поради гумите. Сепак, не беше лесно да го стигнам, но го изненадив со нападот. Не бев сигурен дека можам да се свртам, но го направив тоа и го направив добро“, додаде Германецот.

Слични содржини