Филипче: Донациите вакцини од Бугарија и Грција најверојатно ќе бидат од „АстраЗенека“

од Nikola Popovski

„Сега имаме уште нешто помалку од 5 000 вакцини кои се распределени да се даваат во новоотворените пунктови, во сите други се прави ревакцинација. Оваа недела треба да дојдат 70 000 вакцини – 50 000 од Бугарија и 20 000 од Грција, најверојатно вакцини на ’Астра Зенека‘. Сè уште немаме потврда за типот на вакцини“, изјави денес министерот за здравство, Венко Филипче на прес-конференција.

Во моментов, во земјава има уште 5.000 вакцини наменети за граѓани кои треба да ја примат првата доза. Останатите, како што кажа министерот Филипче, се наменети за ревакцинација која се врши во сите пунктови низ земјава.

Останува, редовно, секој понеделник, да пристигнуваат вакцини на „Фајзер“ и се очекува да стигне голема количина вакцини за кои сѐ уште нема точен датум, а биле најавени за почетокот на јуни.

Во однос за влез во Грција, министерот нагласи дека доволни се хартиените документи, потврдата за вакцинацијата и ПЦР-потврдите.

Филипче апелира граѓаните да останат внимателни и покрај стивнувањето на епидемијата.

Досега во земјава вкупно се аплицирани 315.781 вакцини, со прва доза се вакцинирани 234.508 граѓани, а ревакцинирани 81.273. Со последните бројки, барем една доза вакцина има примено 47 % од пријавеното население над 70 години и 41 % од пријавените над 65 години.

Слични содржини