Фон дер Лејен откри колку вакцини ќе пристигнат од производителите, еден целосно потфрли

од Stefanija Kuzmanovska

По првичните потешкотии во производството на вакцината против ковид-19, процесот сега се забрзува и сè уште е можно да се исполни целта за вакцинирање на 70 отсто од возрасната популација во Европската унија до крајот на летото, изјави претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен во средата.

„Сега треба да се фокусираме на вториот квартал и периодот до летото. Знаеме дека можеме да ја постигнеме нашата цел да вакцинираме 70 отсто од возрасната популација до крајот на летото“, рече претседателката на Комисијата на прес-конференција.

Според податоците изнесени од Фон дер Лејен, BioNTech / Pfizer и Moderna ги исполнуваат своите договорни обврски во првиот квартал и ги испорачале или ќе ги испорачаат до крајот на овој месец количините закажани за првиот квартал.

BioNTech / Pfizer ќе испорача 66 милиони дози овој квартал, а Moderna 10 милиони дози, што е во согласност со потпишаните договори, вели Фон дер Лејен.

AstraZeneca пак, потполно потфрли. Наместо ветените 90 милиони дози во првиот квартал, компанијата прво ги намали на 40 милиони, а сега тврди дека ќе испорача 30 милиони дози овој квартал, три пати помалку од ветената количина.

Доколку AstraZeneca го одржи ветувањето за 30 милиони дози, ЕУ може да добие вкупно околу 106 милиони дози овој квартал.

Значително поголеми количини се очекуваат во вториот квартал. Претседателката на Комисијата вели дека може да се смета на BioNTech / Pfizer, кој треба да испорача 200 милиони дози во вториот квартал, Moderna треба да испорача 35 милиони дози, а Johnson & Johnson 55 милиони дози.

Вакцината на Johnson & Johnson е четвртата одобрена за употреба во ЕУ, а нејзината предност е што се дава само во една доза. Вкупно, ЕУ треба да добие 290 милиони дози од овие три производители, без AstraZeneca.

Што се однесува до AstraZeneca, компанијата најави 70 милиони дози за вториот квартал, наместо 180-те милиони ветени дози. Ако сите четири компании ги исполнат своите ветувања, тоа значи дека до крајот на јуни, Европската унија може да добие вкупно 466 милиони дози.

Слични содржини