(ФОТО/ВИДЕО) Французите ја снабдија Украина со дронови кои можат да им направат ГОЛЕМИ ПРОБЛЕМИ на Русите

Експертите од „Делаир“ проценуваат дека употребата на DT-46 од Украина ќе делува како мултипликатор на сила и ќе ја направи секоја испукана граната многу опасна за руските сили

од Vladimir Zorba

Францускиот министер за одбрана Себастиен Лекорну на крајот на минатата недела изјави дека компанијата „Делаир“ испорачала повеќе од 150 беспилотни летала во Украина. Лекорну не прецизираше за кои модели станува збор, но аналитичарите истакнуваат дека Киев уште порано пројавил интерес за моделот DT-46 на „Делаир“.

Станува збор за модел кој може да полета со вертикално лансирање и катапултирање. Првата верзија има издржливост од три часа и 50 минути, а втората дури седум часа и 30 минути. DT-46 во двете верзии е опремен со двоен сензор кој комбинира електро-оптички/инфрацрвени системи и LiDAR, системи кои го мерат растојанието од целта.

Најизвонредната карактеристика на дронот DT-46 е неговиот низок аудио и радарски потпис и високата издржливост. Може да остане во воздухот со часови, дење или ноќе, неоткриен, наоѓајќи цели и прецизно насочувајќи ги ракетите MLRS и ласерски водени артилериски цевки врз цели користејќи ја прецизноста на вградениот систем LiDAR.

Дронот DT-46 на „Делаир“ во двете верзии тежи околу дваесет килограми, а на таа тежина се додадени и оптичките системи од пет килограми. Долг е два метра, а распонот на крилата му е 4,5 метри. Подготовката за акција на бојното поле трае 15 минути, а леталото може да издржи температури од минус 15 до плус 50 степени Целзиусови, со брзина на ветерот од 35 јазли.

Претворање на извидници во камикази

Кога станува збор за дострелот и прецизноста, украинската артилерија веќе има значителна предност во однос на руската артилерија – и по дострел и по точност. Експертите од „Делаир“ проценуваат дека употребата на DT-46 од Украина ќе делува како мултипликатор на сила и ќе ја направи секоја испукана граната многу опасна за руските сили.

Компанијата, со седиште во Тулуз и канцеларии во Сингапур, Пекинг, Лос Анџелес и Гент, произведува и DT-26, помала варијанта на моделот DT-46. Тој ја носи истата опрема и има идентично ниски аудио и радарски потписи, но може да остане во воздух само 170 минути. Постои и модел UX-11 за високопрецизно мапирање на теренот со распон на крилата од 1,1 метри и тежина од само 1,5 килограми, кој има вградена RGB камера со милиметарско прецизно мапирање.

Неодамна, на барање на француската армија и во соработка со Nexter Systems, „Делаир“ започна со модификација на UX-11 во т.н. камикази дрон. UX-11 во својата нова маска треба да носи експлозивна боева глава дизајнирана да зафаќа различни цели. Првите демонстрации на овие дронови се планирани за крајот на оваа година. Со оглед на тоа што Украина нашироко користи слични беспилотни летала, не би било чудно доколку Киев го добие и тој модел.

Слични содржини