Францускиот Сенат го изгласа законот за пензиски реформи

од Stefanija Kuzmanovska

Француските сенатори рано денеска гласаа за зголемување на законската старосна граница за пензионирање од 62 на 64 години, што е прва победа за плановите за пензиските реформи на претседателот Емануел Макрон кои предизвикаа протести и штрајкови низ целата земја.

Двесте и еден член на Сенатот, во кој доминираше конзервативната партија Les Republicains, гласаа за главниот член од реформата 7 за старосната граница за пензионирање, додека 115 гласаа против.

Горниот дом на Франција се очекува да ги одобри преостанатите членови од нацрт-законот за реформи подоцна оваа недела. Потоа, следната недела, ќе биде доставен до комисијата за посредување меѓу претставници од Сенатот и Националното собрание, долниот дом на парламентот.

Пратениците не беа во можност да разговараат за членот 7 од законот за време на 15-дневните тензични дебати, испрекинати со навреди и потсмевови, пренесува „Ројтерс“.

Власта се надева дека до крајот на месецов ќе ги усвои пензиските измени во Собранието.

Меѓутоа, на Макрон му недостига целосно мнозинство во Националното собрание и ќе мора да придобие неколку десетици конзервативни пратеници или да ги искористи своите уставни овластувања за да го заобиколи парламентот.

Слични содржини