Интервју на известувачот за Македонија во ЕП, Томас Вајц не престанува да ја бранува јавноста во последните денови. Меѓународниот секретар на СДСМ, Андреј Жерновски не се согласува дека неговата партија добила „шамар“ откако Вајц вчера се „поправи“ и рече дека Македонија има напредок во реформската агенда.
„Во нормална држава, кога известувачот за Македонија во Европскиот парламент ќе каже дека нема реформи, нема напредок и нема сериозен чекор кон ЕУ, власта во најмала рака би се засрамила и замислила. Но кај нас, власта слави. Не затоа што нешто демантирале, туку затоа што откриле дека изјавата на Томас Вајц не била дадена оваа недела, туку пред еден месец. И сега, читаме трагикомичен вмровски спин дека, всушност претседателот на СДСМ, Венко Филипче, добил шамар од Брисел. Не они“, објави Жерновски.
Членот на СДСМ ја обвинува власта за, како што вели, политички очај.
„Не можеш да ја побиеш пораката, па почнуваш да го проверуваш датумот. Не можеш да кажеш дека има реформи, бидејќи ги нема, па се фаќаш за календарот. Не можеш да покажеш резултат, па триумфираш што критиката е „постара“. А што точно се сменило во тој месец? Дали Македонија тргна напред? Дали се отвори европскиот хоризонт? Дали владата испорача нешто што личи на реформа овие месец дена? Ништо. Апсолутно ништо“, смета Жерновски, додавајќи дека „проблемот не е кога ти било кажано, туку што ти било кажано“.
Жерновски ја објаснува, како што вели, суштината на власта – „нема реформи, нема напредок, нема визија, но затоа има огромен талент да го претвори сопствениот неуспех во лажен триумф“.
Известителот за бугарски „Еуроњуџ“ изјавил дека уставните промени остануваат услов за отворање поглавја и дека во последната година не се забележува напредок во спроведувањето на реформите. Синоќа во изјава за телевизија „Канал 5“ вели дека интервјуто дадено за бугарска телевизија е снимено пред повеќе од седум недели и дека не е јасно зошто е објавено дури сега. Изјавите во кои се зборува за оцена дека земјата нема напредок во реформите, додава дека се дадени на почетокот на март и дека тогаш ја одразувале моменталната состојба.