ВМРО-ДПМНЕ: Вајц вели Македонија има напредок на патот кон ЕУ, Филипче доби шлаканица

Од владејачката партија потенцираат дека лидерот на СДСМ се занимава со глупости

од Nikola Popovski
23 прегледи Фото: Фејсбук/Томас Вајц

„Венко Филипче вечерва доби шлаканица и тоа директно од европратеникот и известувач за Македонија во Европскиот парламент“, порачаа синоќа од ВМРО-ДПМНЕ откако Томас Вајц во изјава за Тв „Канал 5“ рече дека интервјуто дадено за бугарски „Еуроњуз“ е снимено пред повеќе од седум недели и дека не е јасно зошто е објавено дури сега. Според него, изјавите во кои се зборува за оцена дека земјата нема напредок во реформите се дадени на почетокот на март и дека тогаш ја одразувале моменталната состојба.

Од ВМРО-ДПМНЕ потенцираат дека лидерот на СДСМ се занимава со глупости.

„Прво, Вајц вечерва јасно кажа интервјуто е старо и оти дадено е пред седум недели. Второ, Вајц јасно се осврнува на напредокот на Македонија на патот кон Европската унија, односно на реализирање на европската агенда. Му даваме совет на Филипче ако сака да оди напред нека гледа напред, исто така ако сака да оди напред треба да ги следи навреме работите и да не шири лажни вести“, велат од „Белата палата“.

Според Вајц, Македонија бележи напредок во реформскиот процес и има дополнително време да ги исполни потребните обврски во рамки на реформската агенда до јуни.

Во интервјуто што го објави „Еуроњуз Бугарија“, известувачот предупредува дека земјата и граѓаните би можеле да ја пропуштат клучната можност за напредок кон Европската Унија, доколку Владата не го искористи актуелниот моментум за ЕУ-интеграции. Вајц нагласува дека проблемот не е само вклучувањето на Бугарите во Уставот, туку и застојот во реформската агенда. Според него, во моментов не се забележува суштински напредок во спроведувањето на реформите. Тој повторува дека уставните измени остануваат услов без кој преговорите со ЕУ не можат да продолжат.