Газдата на „Беса Транс“ доби 1,8 години затвор, фирмата има забрана за превоз на патници

од Nikola Popovski

Сопственикот на „Беса Транс“, Беким Хаџиу утрово доби казна затвор од една година и осум месеци и парична казна од 800 000 денари, а неговата фирма четиригодишна забрана за вршење на меѓународен превоз. Ова следува по случајот за продолженото кривично дело „фалсификување исправа“. Одбраната на Хаџиу најави дека ќе се жали на одлуката.

-Уште од самиот почеток, ова кривично дело не е воопшто поврзано со несреќата во Бугарија. Ова е исклучиво за кривично дело кое што е во делот на работењето на правното лице, Беса Транс. Теоријата на одбраната ќе биде изнесена и пред повисоките судови, кажа адвокатот на Хаџиу, Асмир Алиспахиќ.

Според него, неговиот клиент не требало да биде обвинет.

-Tаа лажна исправа не постои, ниту е употребена. Јас сум убеден како правник дека оваа пресуда не може да опстане како што е изречена, додаде одбраната.

Според обвинителниот акт за овој случај, обвинетиот Беким Хаџиу, како управител на правното лице„Беса Транс од Рашче се товари дека извршил повеќе временски поврзани дејствија и употребувал како вистинска лажна јавна исправа Извод од лиценца за вршење на јавен превоз во меѓународниот патен сообраќај.

Според обвинителството, Хаџиу лажната патна исправа им ја давал на возачите кои го управувале возилото и со неа  во периодот од 10.1.2021 до 21.11.2021 година тој 20 пати ја преминал државната граница на различни начини. Хаџиу на првото рочиште рече дека не се чувствува виновен за фалсификување патна исправа, а вина негираше и застапникот на правното лице Беса Транс, Шабан Хоџа.

Слични содржини