Германија: Илјадници евра бонуси за нововработени во различни сектори

од Vladimir Zorba

Се повеќе компании нудат бонуси за да привлечат квалификувани работници. Но, зошто германските работодавци едноставно не плаќаат повисоки плати?

Негуватели, медицински персонал, лабораториски работници: списокот со огласи за вработување во болницата Агаплесион во Гисен е долг. Таму, како и во многу гранки, има побарувачка за квалификуван персонал. Оние кои се избрани не само што добиваат работа, туку и солиден бонус. Станува збор за 2.000 евра за позиција во лабораторијата за срцеви катетери, за која штотуку е објавен оглас, пишува Дојче веле (ДВ).

Идејата зад неа: да се направи работното место попривлечно. Работните места во здравството имаат лоша репутација, вели Ина Јунга. Таа го води одделот за човечки ресурси во болницата Агаплесион. „Условите за работа овде не се толку неатрактивни како што се прикажани во медиумските извештаи.“ Затоа, вели тaa, вовеле премии.

Многу германски компании, како оваа клиника, се борат да ги привлечат посакуваните вработени – и тоа не само во здравствениот сектор. Од техничари за мехатроника до монтери на кујни, работодавците се обидуваат да ги привлечат со ветување премии од 300 до 4.000 евра.

Анализата на платформата за вработување Indeed покажува дека премиите при промена на работните места значително се зголемиле. Во 2019 година, од милион огласи за работа на оваа платформа, 3.050 огласи ветиле премија. Во 2023 година имало 7.129 вакви огласи, што е повеќе од двојно. Дури и ако нивниот удел остане низок, овој тренд може јасно да се препознае.

Промени на пазарот на трудот

Ова може да се објасни со увид во состојбата на пазарот на трудот, кој продолжи да се развива во корист на вработените. Според Институтот за истражување на пазарот на трудот и професионалните истражувања, во моментов во Германија има околу 1,7 милиони слободни работни места. И околу 2,6 милиони луѓе бараат работа.

Тоа значи дека на едно слободно работно место доаѓаат 1,5 баратели на работа. Пред десет години, тој сооднос беше приближно четири баратели на работа на едно отворено работно место. Конкуренцијата меѓу барателите на работа беше значително поголема. Денес, работодавачите се тие кои треба да работат напорно за да ја привлечат работната сила.

Премии на аеродромот во Франкфурт

Фактот дека премиите се добра алатка за привлекување на посакуваната работна сила се покажа таму каде што недостатокот на квалификувани работници е особено голем: на меѓународниот аеродром во Франкфурт (Fraport). Таму премиите за нововработените се исплаќаат од 2022 година. Персоналот кој е вработен на услужни работи на терен добива по 1.000 евра премија.

Фактот што овој аеродром толку рано се приклучи на овој тренд е условен од специфичната ситуација во воздухопловната индустрија за време на пандемијата, вели портпаролот на Fraport, Андреас Шопф.

„Авиосообраќајот беше првиот што беше погоден од корона мерките и последната гранка што се врати во нормална рамка на своето работење. Во тој период, многу вработени ја напуштија компанијата и почнаа да се занимаваат со други професии.

Не се економични повисоките плати?

Според податоците на таа компанија, Fraport успеал да привлече 4.000 нови вработени од воведувањето на премиите. Портпаролот Шопф нагласува дека премиите, заедно со другите поволности како Deutschlandticket (месечен билет за воз) се еден од факторите што го тераат некој да го избере овој работодавец. Но, работодавачите не сакаат само да доаѓаат нови вработени кај нив, туку и тие да останат на тоа работно место. Па, зошто не се исплаќаат повисоки плати на места каде што се очајно потребни квалификувани работници?

Причината за ова е економската пресметка, вели Мајкл Нојгарт, економски експерт од Универзитетот во Дармштат. Доколку фирмите би ја зголемиле бруто месечната плата за 100 или 200 евра, таа сума ќе треба да ја плаќаат во текот на целиот период на вработување. Еднократната исплата претставува финансиски поттик за вработените, но работодавците не се обврзуваат на долг рок – и остануваат во рамките на нивните финансиски можности.

Слични содржини