Гир ги расчисти дилемите: Апсолутно С. Македонија ги започна преговорите со ЕУ

од Nikola Popovski

Евроамбасадорот во земјава, Дејвид Гир денеска ги расчисти дилемите околу тоа дали С. Македонија официјално ги започна преговорите со ЕУ.

-Најпрво добра вест е што минатата недела ЕУ почна преговори за членство со С. Македонија и Албанија и ви ветувам дека дури и во изминатите месеци не бев сигурен дека ќе можам да го кажам тоа сега. Тоа се одлични вести, тоа е историски развој и за засегнатите земји, но и за ЕУ. Одбројувањето до влезот на вашата земја во ЕУ почна. Апсолутно ги започнавте преговорите и тоа е добра вест, рече категорично Гир во интервју за Канал 5.

Во однос на разликите во документите за С. Македонија и Албанија, Гир појасни дека е релативно нормално да има разлики меѓу секој пристапен процес во одреден степен.

-Преговарачката рамка за С. Македонија е одобрена од Европскиот Совет. Започнува првата етапа од скрининг процесот т.н. објаснувачки скрининг, кога Европската комисија заедно со С. Македонија го гледа процесот и идентификува што треба да се направи. Доброто е што веќе ЕУ започна подготвителен скрининг пред неколку години, кажа меѓу другото Гир.

Во однос на промената на македонскиот Устав и што доколку не се случи, евроамбасадорот нагласи дека тогаш најверојатното сценарио би било дека процесот ќе застане таму.

-Доколку промената на Уставот не се случи, јас би рекол дека најверојатното сценарио би било дека процесот едноставно ќе застане таму. Со други зборови, скринингот ќе продолжи до одредена точка и потоа ќе застане да ја чека државата, нагласи Гир.

Слични содржини