Неколку илјадна публика под отворено небо на Широк сокак во Битола, синоќа го проследи музичкиот мега спектакл на култниот рок бенд “Електрични оргазам” кој во градот на конзулите настапи премиерно како дел од младинскиот арт фестивал “Битола отворен град 2016” во организација на Младинскиот културен центар – Битола. Музичкиот настан во Битола беше отворен и бесплатен за сите посетители, како и останатите фестивалски содржини во претходните денови.

“Електрични оргазам” во Битола се претставија со колекција на нивните најдобри хитови што беше пречекано со одушевување од публиката од која голем дел наизуст ги знае рефрените кои енергично на сцена ги пренесоа легендарните рокери. Фронтменот на групата, Срџан Гојковиќ – Гиле, даде се од себе да ја размрда публиката на Широк сокак и да понуди добра и енергична забава, при што го најави и новиот студиски албум “Каде сме сега”.

“На крајот на минатата година издадовме нов сингл со песната “Бев лош”. Пред еден месец издадовме друг сингл на песната “Со камера снимам се”. Тоа се песни од нашиот иден студиски албум. Планираме на крајот на годината или почетокот на следната, да го објавиме тој албум, со тоа што ќе следи уште еден сингл во октомври и се разбира што повеќе концерти. Тоа е она што публиката може да го очекува од нас во наредниот период.,,-изјави во Битола Срџан Гојковиќ – Гиле, фронтменот на “Електрични оргазам”.
На големата бина во Битола прозвучија најголемите регионални хитови како „Дебела девојка“, „Бејбе ти ниси ту“, „Игра рокенрол цела Југославија“… Публиката имаше можност да ја слушне и изведбата на последниот, од критиката одлично прифатен албум на “Електрични оргазам” насловен „То што видиш то и јесте“, кој критиката го оцени со супеерлативи нарекувајќи го најдобар албум во целата нивна кариера. Со овој албум всушност групата се врати на голема врата и го зазеде местото кое им припаѓа на балканската музичка сцена, враќајќи ја вербата кај публиката дека се уште има место за добра музика.

На главната бина настапија и хероите на македонската независна музичка сцена “Бернајс пропаганда”. Секогаш револуционерни во својот музички израз, со четири студиски изданија и повеќе стотици концерти, тие важат за еден од водечките алтернативни бендови од регионот. Во Битола го претставија новиот албум „Политика“ објавен во соработка со независната словенечка етикета „Мунли рекордс“. На последната европска турнеја бендот во 30 дена одржа 27 концерти во Србија, Словенија, Италија, Швајцарија, Франција, Шпанија, Холандија, Германија, Чешка, Словачка и Австрија, што јасно зборува за нивната наднационална популарност.
“Со големиот музички хепенинг, Младинскиот културен центар – Битола го заокружи 15-тото издание на фестивалот „Битола отворен град 2016“ со поддршка на УСАИД. Четиридневниот фестивал од 22 до 25 јуни пред публиката донесе повеќе настани на различни локации на главната улица Широк сокак во Битола, односно два улични концерти, уметнички инсталации и изложба на стрипови, проекција на документарни филмови за важни општествени прашања, неколку работилници за граѓански иницијативи и слично.”-изјави Златко Талевски, од Младинскиот културен центар Битола.

Од МКЦ –Битола посочуваат дека фестивалот е важна платформа за многумина уметници, млади луѓе и учесници од граѓански организации, каде можат да ги искажат своите ставови за општествено релевантни теми преку културни активности.