Голема рација во Европа: Цел италијанската мафија Ндрангета, уапсени повеќе од 150 лица

од Stefanija Kuzmanovska

Повеќе од 150 лица се уапсени во Германија, Шпанија и Италија по тригодишна истрага за активностите на италијанската мафијашка група „Ндрангета“.

Италијанските и белгиските истражители веруваат дека осомничените членови на „Ндрангета“ учествувале во шверц на 25 тони кокаин во периодот од октомври 2019 година до јануари 2022 година, пренесува Sky News.

Германската полиција денеска уапси десетици луѓе ширум земјата како дел од истрагата против италијанската организирана криминална група „Ндрангета“, соопштија германското јавно обвинителство и државната полиција.

Како што пренесува БИЛД, во акцијата учествуваат повеќе од 10.000 припадници на германската полиција и специјалните единици.

Претресите и апсењата се дел од операцијата „Еурека“, една од најголемите акции против организираниот криминал во последно време.

Апсењето следеше по тригодишна истрага на истражителите во Германија, Белгија, Франција, Италија, Португалија и Шпанија, како и Европол и Евроџаст против криминалната организација „Ндрангета“.

Меѓу уапсените има четири лица во Баварија, 15 во Северна Рајна-Вестфалија и 10 во Рајнланд-Пфалц, а полицијата заплени потенцијални докази на десетици локации, во домови и канцеларии.

Инспекторите од Белгија и Италија следеле увоз и продажба на речиси 25 тони кокаин од октомври 2019 година до јануари 2022 година и утврдиле проток на пари во износ од 22 милијарди евра од Калабрија во Белгија, Холандија и Јужна Америка.

Осомничените се обвинети за перење пари, даночно затајување, измама и шверц на дрога, се вели во заедничкото соопштение на обвинителствата на Дизелдорф, Кобленц, Сарбрикен и Минхен и државната полиција во Баварија, Северна Рајна-Вестфалија, Рајнска област-Пфалц и Сарланд.

Слични содржини