Големата „тројка“ на ЕУ смислува како да се заобиколат Кинезите: „Нема напред без ОВИЕ суровини“

од Stefanija Kuzmanovska

Германија, Франција и Италија во вторникот на состанокот на министрите за економија и индустрија најавија зголемена соработка за набавка на суровини, преземајќи иницијатива пред планираното формирање заеднички механизам на ниво на ЕУ.

На серија трилатерални состаноци, министрите разговараа за можните европски одговори на „двојните предизвици на зелената и дигиталната транзиција“, се вели во заедничката изјава.

„Не можеме да гарантираме еколошка и дигитална трансформација ако не можеме да им помогнеме на нашите компании да ги обезбедат многу потребните суровини“, рече францускиот министер за финансии Бруно Ле Мер.

Европската комисија во март го претстави законскиот предлог со кој се предвидува формирање на европска агенција за набавка на минерали од ретки земји, како што е литиумот, и ги обврза земјите-членки да го забрзаат процесот на издавање дозволи за нови рудници и погони за преработка.

„Комисијата ќе воспостави и ќе управува со систем кој ќе ја агрегира побарувачката на заинтересираните компании-потрошувачи на стратешки суровини регистрирани во Унијата, а властите на земјите-членки (…) ќе собираат понуди од добавувачи доволни за да се задоволат заедничките побарувачката“, се наведува во предлогот за директивата.

Европското право претставува „важен прв чекор“, рече Ле Мер, но владите мора истовремено да дефинираат конкретен работен план за стратешки проекти и договорени мерки, како што е создавањето на заеднички залихи.

На прес-конференција по средбата, германскиот министер за економија Роберт Хабек рече дека државниот заемодавач KfW треба да резервира пари за директни инвестиции во европски проекти за набавка на клучни материјали.

Франција и Италија веќе имаат обезбедено 500 милиони и една милијарда евра за вакви проекти, нагласи Хабек.

„И ние во Германија треба да се стремиме кон таква сума“, додаде германскиот министер од партијата на Зелените, додавајќи дека владејачката коалиција се уште не постигнала договор за тоа прашање. Министерот за финансии Кристијан Линднер од либералните Слободни демократи инсистира на консолидација на буџетот.

Индустриските компании се задоволни од трилатералната соработка.

„Живееме во време во кое темпото на одлучување често не ги следи итните потреби (…)“, истакна во соопштение за медиумите извршниот директор на италијанскиот производител на воена опрема Леонардо Роберто Чинголани.

„Затоа е добро што земјите со најразвиена индустрија ги здружуваат силите и им нудат на европските институции сеопфатна визија“, додаде Чинголани.

Тој оцени и дека европската директива треба да дефинира „критериуми за стратешки проекти и да им (обезбеди) привилегирани канали за добивање дозволи и договарање финансиски инструменти“.

Италијанската енергетска компанија „Енел“ е меѓу петте водечки производители на зелена енергија и го искористи состанокот за да ја покани ЕУ да го вклучи поликристалниот силикон, кој е клучен за производството на соларни панели, на листата на стратешки суровини.

Минералите од ретки земји играат важна улога во транзицијата кон јаглеродно неутрална економија, а ЕУ набавува 95 отсто од овие суровини од Кина. Од друга страна, Брисел сака да ја намали зависноста од кинескиот увоз.

Слични содржини