Грција на удар на медитерански ураган, се очекуваат поплави

од Vladimir Zorba

Грција се подготвува за многу силно невреме. Медитерански ураган се движи директно кон Грција, а неговиот центар е на Јонските острови и Пелопонез.

Се очекуваат урагански ветрови со брзина од над 200 километри на час, огромни приливни бранови и катастрофални поплави и поројни дождови, пренесуваат грчките медиуми.

Грчките власти предупредија дека бурата „Јанош“ ќе биде придружена со силен ветер и дожд што може да доведе до поплави и прекин на електричната енергија во следните два дена.

Заменик министерот за цивилна заштита, Никос Хардалиас ги советуваше жителите на подрачјата погодени од поплавите во минатото или кои живеат во близина на реките да најдат алтернативно сместување, а другите да ги ограничат своите патувања.

Тој предупреди на поплави и дека може да има уништување на дрвјата и покачување на нивото на морето, особено во областите Закинтос, Кефалонија, Итака, Месинија, Евија …

Грците се во состојба на готовс од вчера. Бурата „Јанош“ ги принуди да ги затворат училиштата во Закинтос и Кефалонија. Сообраќајот на траектите е прекинат, а тие предвидуваат дека ќе наврнат 200 литри дожд на метар квадратен.

Првите налети на невремето се очекуваат вечерва, а утре, ако се остварат предвидувањата на метеоролозите, Грција може да биде погодена од вистинска катаклизма.

Во текот на вчерашниот ден се формираше циклон над Средоземното Море, крај брегот на северна Либија, кој брзо прерасна во медитерански ураган.

Циклонот се движи северо-источно веќе 24 часа и се наоѓа над Јонското Море, а денес се наоѓаше меѓу Малта, Сицилија и Либија.

Во моментов не ги опфаќа крајбрежните области, а над Јонското Море носи обилни дождови и грмотевици, но и бурни ветрови.

„Медикана“ или медитерански тропски ураган е многу редок метеоролошки феномен во Медитеранот, а претежно се јавува само во најтоплиот дел на Средоземното море.

Слични содржини