Груби: Даваме целосна и недвосмислена поддршка за Законот за ЈО, немаме разлики со СДСМ

од Aleksandar Todeski

Ставот на ДУИ е целосна, апсолутна, недвосмислена поддршка за Законот за ЈО, Законот за Совет на јавни обвинители, Законот за АВМУ и сите закони, вклучително и консензуално срочениот Изборен законик. Ова на прес конференција го истакна пратеникот од партијата, Артан Груби, откако вчера се појавија гласини дека ДУИ не сака да се донесе Законот за Јавно обвинителство.

„Очекуваме да се изгласаат законите и да се оди на избори. Повикуваме да се изгласаат законите уште денеска и да се рапсушти Собранието. Изборите беа консензуално договорени кај претседателот Пендаровски од сите партии. Договоривме датум на избори, а не датум на распуштање на Собранието. Оптимален датум е недела, 16 февруари. Убеден сум дека имаме капацитет да работиме деноноќно за да се усвојат законите и да се донесат и одлуките на владата во однос на измените во кабинетот“, рече Груби.

Според пратеникот, немаат никаков проблем со СДСМ. Вели, договорени се и заедно пристапиле во коалицијата, а неговата партија била клучот за да се дојде до прагот за зачленување во НАТО и на почеток на преговори со Европската унија.

„Немаме разлики. Кочењето вчера беше поради некоординираност и затоа веднаш пристапивме, да отпочне седницата и да се исцрпи дебатата. ДУИ апсолутно ги поддржува Законот за ЈО и Законот за Советот на јавни обвинители, недвосмислено, цела пратеничка група, почнувајќи од Али Ахмети“, истакна Груби додавајќи дека не го условуваат со ништо Законот за Јавно обвинителство.

А.Т.

Слични содржини