Груевски се прости од Берлускони: „Еднаш ми раскажа дека сака да има многу подолг живот од просечниот“

од Nikola Popovski

Поранешниот премиер Никола Груевски изрази сочувство и жалење по повод смртта на поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони. Тој сподели на социјалните мрежи за заедничките средби и разговори што ги имале.

-Од онаа првата која беше партиска во 2005 година во просториите на неговата партија во Рим, кога меѓу другото ми раскажуваше дека сака да има многу подолг живот од просечниот човечки живот и дека за таа цел приватно вложил ако добро паметам 400 милиони евра во научни истражувања за продолжување на човековиот живот, преку многуте средби во својство на премиери исполнети со многу анегдоти и шеги проткаени помеѓу службените и државнички разговори, за на крај последната средба да е повторно на партиски самит во Ла Валета на самитот на европската народна партија во март 2016 година, време во кое се справуваше со многу политички проблеми и судски прогони за кои и покрај сѐ, ведро и проткаено со многу шеги раскажуваше. Човек кој многу го сакаше и на свој начин го живееше животот, секогаш ведар и расположен, ќе остане во сеќавање на италијанскиот народ по многу нешта меѓу кои и како премиер на Италија со најдолг мандат по втората светска војна, напиша Груевски на својот Фејсбук профил.

Груевски објави дека Берлускони секогаш изразувал голема поддршка за Македонија.

-Некои го почитуваат, некои помалку, но она што беше константа за нас како македонци и како граѓани на Република Македонија, беше што секогаш и без исклучок ни даваше подршка кога ќе побаравме нешто за Македонија. Во времето кога тој ја предводеше Италија, секогаш имавме отворена подршка, и не се грижеше многу што за тоа ќе помислат некои наши соседи или било кој, стои во објавата на поранешниот претседател на Владата.

Берлускони почина во текот на вчерашниот ден во Милано, јавија италијанските медиуми. Тој минатата недела беше хоспитализиран во болницата „Сан Рафаеле“, поради компликации поврзани со претходно непозната хронична леукемија. Медиумскиот тајкун и милијардер првпат дојде на функцијата премиер во 1994 година и водеше четири влади.

Слични содржини