Хашкиот суд ги отфрли обвинувањата дека ги изедначува Израел и Хамас

од Nikola Popovski

Главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд (МКС), Карим Кан, ги отфрлил како бесмислици обвинувањата дека ги изедначува постапките на Израел и Хамас со барањата за издавање налози за апсење на лидерите на Израел и палестинската исламистичка организација.

„Не велам дека Израел со својата демократија и врховен суд е поврзан со Хамас, се разбира дека не. Не може да биде појасно дека Израел има целосно право да го брани своето население и да ги ослободи заложниците, но, никој нема дозвола да врши воени злосторства против човештвото. Средствата нè дефинираат“, изјавил Кан за „Сандеј тајмс“, во своето прво интервју откако најавил дека ќе бара налог за апсење на израелскиот премиер и министерот за одбрана, како и за тројца лидери на Хамас.

Обвинителот на МКС навел дека го дал примерот на Велика Британија и Ирската републиканска армија (ИРА), на прашањето на израелски новинар како требало да се лоцираат заложниците.

„Имаше обиди за атентат на Маргарет Тачер, Ари Нив, Лорд Маунтбатен беше убиен, имаше пукање во колена, но Британците не избраа да кажат „Во Фолс Стрит (срцето на католички Белфаст) несомнено може да има членови на ИРА и републикански симпатизери, па ајде да фрлиме бомба од 900 килограми на таа улица“. Не можете да го направите тоа“, рекол Кан.

Британскиот весник објавил дека Кан носел сина лента на која пишувало „донесете ги дома“ што е повик да се вратат заложниците назад, заедно со лична ознака посветена на најмладиот заложник, Кфир Бибас.

„Тоа би скршило нечие срце. Кфир имаше само девет месеци. Но, нема монопол на страдањето. Таму умираат палестински бебиња и не можеме да имаме двојни стандарди“, кажал Кан, оценувајќи дека е одговорност на светот, доколку бидат издадени налози за апсење, да бидат и исполнети.

„Доколку државите не се вклучат, тоа ќе има големи последици. МКС е нивно дете, јас сум само дадилка или изнајмена помош. Имаат одговорност да се грижат за тоа дете или да одговараат ако го напуштаат“, заклучил главниот обвинител на МКС.

Слични содржини