Лидерот на подмладокот на Левица казнет со 550 евра поради истакнување на палестинско знаме на мечот Македонија-Израел

МВР излезе со соопштение дека тој истакнал знаме од Палестина на натпреварот, а според законот тие сакале да спречат насилство и недостојно однесување

од Nikola Popovski
24 прегледи Фото: Принтскрин

Левица синоќа соопшти дека претседателот на нивниот подмладок, Андреј Куцуловски бил пуштен од полициска станица со изречена глоба од 550 евра за поттикнување на насилство и омраза поради внесување на палестинско знаме на натпреварот меѓу кадетските репрезентации на Македонија и Израел. Од Левица посочуваат дека била мобилизирана „толпа полициски службеници кои приведоа млад човек кој впрочем не пружи никаков отпор, ниту пак направи било каков инцидент“.

„Со лисици, како да се работи за опасен криминалец, беше спроведен во станица, без притоа да му се соопшти основот за лишување од слобода. Во исто време, истата таа полиција под капата на Тошковски, со фрапантна леснотија дозволува да исчезнуваат и да бегаат лица осомничени за тешки кривични дела, не постапува ниту со слична ревност при брутални насилства, а семејното насилство го релативизираати оставаат без соодветен институционален одговор. Државата казнува солидарност, а премолчува насилство“, велат од опозициската партија.

МВР синоќа излезе со соопштение.

„Денеска (28.04.2026) во 17:20 часот во СВР Скопје е пријавено дека во СЦ „Јане Сандански“, каде се одржувал финалниот натпревар од Светско училишно првенство во ракомет помеѓу Р.С.Македонија и Израел, А.К.(28) истакнал знаме од Палестина. Лицето е приведено во Полициска станица за сторен прекршок по член 3 од Законот за спречување на насилство и недостојно однесување на спортски натпревари и по целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок“, информираа од полицијата.

Во Законот, во членот 3 е наведено што се смета за „насилство и недостојно однесување на спортските натпревари“, а едно такво однесување е и „внесување и истакнување на транспаренти, знамиња и други предмети со текст, слика, знак или други обележја, како и пеење на песни или
дофрлување на пораки кои предизвикуваат и поттикнуваат омраза или насилство врз основа на расна, национална и верска припадност или врз
основа на други особини“, што е веројатно основот по кој Куцуловски денеска беше уапсен.