Претседателот на подмладокот на Левица, Андреј Куцуловски не ја признава вината и не ја потпишал казната за поттикнување насилство и омраза, што му ја изрече полицијата завчера откако поради внесување на палестинско знаме на натпревар меѓу кадетските репрезентации на Македонија и Израел.
Тој на прашањето на „Локално“ дали смета дека во случајов му се прекршени правата и дали ја обжалил казната во Министерството за внатрешни работи изјави:
-Не ја признавам вината и не ја потпишав казната за глоба од 550 евра. Се уште не сме одлучиле како ќе постапиме, за тоа дополнително ќе ја известиме јавноста, изјави Куцуловски.
Од партијата пред два дена за настанот во спорстаката сала Јане Сандански изјавија дека полицијата уапсила млад човек кој не предизвикал инцидент ниту пак пружал отпор при приведувањето. Според Левица начинот на кој бил спроведен нивниот член во полициска станица бил како да се работи за опасен криминалец, а за тешки кривични дела не постапувала.
Од Канцеларијата на Народниот правобранител за „Локално“ изјавија дека за конкретниот случај кај нив не е поднесена претставка, и не може да коментираат дали му се прекршени правата.
-За конкретниот случај, кој беше објавен на социјалните мрежи, до овој момент до Канцеларијата на Народниот правобранител лицето, или друг во негово име, нема поднесено претставка. Токму затоа народниот правобранител не може да даде оценка дали станува збор за повреда на неговите уставни и законски права во врска со посочениот настан, изјавија оттаму.
Народниот правобранител појаснува дека ги штити правата на граѓаните и на сите други лица секогаш кога тие ќе поднесат претставка до него и дека може да покрене постапка и по сопствена иницијатива кога има прекршување на правата на поголем број на граѓани, малолетни, немоќни, лица со попреченост и слично.
-Воопшто не е спорно дека лицето има право да користи правни средства за дополнителна заштита на неговите права, односно да ја оспори законитоста на одлуката на полицијата со кој му е изречена казна. Во таа насока секако дека може да се обрати и до внатрешната контрола на МВР и да поднесе претавка до народниот правобранител, кој секако дека надлежно ќе постапи по истата, изјавија од канцеларијата на Народниот правобранител.
Од МВР вчера соопштија дека лицето е приведено полициска станица за сторен прекршок по член три од Законот за спречување на насилство и недостојно однесување на спортски натпревари.
Е.Б.