Херој во сандали: Трчал по терористот во Израел и го убил, а ова не му е прв херојски чин (ВИДЕО)

од Nikola Popovski
143 прегледи

Долгокосиот млад човек Лев Крејтман опуштено јадел шницли во ресторан во Јафа кога недалеку слушнал пукотници. Тој без двоумење истрча кон трамвајската станица каде што двајцата терористи пукаа и ги бодеа сите што минувале покрај нив.

Лев го извадил пиштолот и се соочил со напаѓачите, убивајќи еден од нив веднаш. На платформата Икс се појави и видео на кое Лев трча во сандали и пука, принудувајќи го другиот терорист да побегне.

Лев потоа се погрижил за повредените додека не пристигнала итната помош. Полицијата подоцна потврди дека седум лица загинале, а 11 се ранети во терористичкиот напад, кој се случил само неколку минути пред почетокот на иранскиот напад врз Израел.

Зборувајќи за Дејли Мејл, Лев го опишал својот херојски чин.

„Живеам веднаш над трамвајската станица во Јафа, штотуку завршив со работа и бев гладен затоа што немав ништо дома. Се симнав долу во ресторанот за шницли и тогаш слушнав пукање“, рекол Лев и објаснил дека служел во Газа во последните шест месеци.

„Го видов трамвајот како се приближува и се обидов да го спречам, но не застана. Кога се оддалечи, тогаш видов мртви луѓе на станицата. Тоа беше и моментот кога ги видов двајцата терористи. Еден почна да трча во моја насока. Во тој момент се криев зад канти за отпадоци, по сокаци, но внимавав на него. Испукав многу истрели бидејќи имав пиштол и бев на далечина. Еден куршум го погоди, а потоа истрча и падна“.

Лев потоа се посветил на повредените за да утврди кој е мртов, а кој жив и дали на некој од нив може да му се помогне. Набрзо пристигнала итната помош, а недолго потоа полицијата го елиминирала и вториот терорист.

Ова не е првиот херојски чин на Лев Крејтман. Пред една година, за време на нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври, Лев бил во близина на фестивалот Нова, кој беше нападнат од членови на Хамас. Оттаму извлекол 20-ина млади луѓе со кои побегнал од напаѓачите.

После се што помина Лев, тој повеќе не оди никаде без оружје. На новинарско прашање дали се чувствува како херој, тој одговорил: „Посакувам да бев подобар. Посакувам да го елиминирав и другиот. Поласкан сум од тоа, но и чудно. Не се чувствувам како херој“.

Го прашале и за изборот на обувки во кои лови терористи во Јафа, на што тој рекол дека постојано ги носи тие сандали.

Слични содржини