И Рустеми се повлече од изборот за нов шеф на Вишото јавно обвинителство

од Nikola Popovski

Советот на Јавни обвинители нема кворум за закажување на седница за избор на нов шеф на Вишото јавно обвинителство – Скопје.

Претседателот на Советот на јавни обвинители, Антонио Јолевски, во изјава за МИА, вели дека најрано што очекува да се обезбедат услови е кон средината на декември, но не гарантира дали тоа ќе се случи.

– Се додека не се обезбеди кворум за да може да се одржи седницата, истата не може да биде закажана, изјави Јолевски, посочувајќи дека во моментот се осум члена, заедно со Јавниот обвинител Љубомир Јовевски.

Во трка за шеф на Вишото јавно обвинителство Скопје беа тројца кандидати, но по повлекувањето на обвинителката Фатиме Фетаи, кандидатурата ја повлекол и Бурим Рустеми. Засега единствена кандидат за функцијата останува постојниот обвинител Мустафа Хајрулахи.

Јолевски потврдил дека Рустеми вчера до нив поднел известување дека се повлекува од кандидатурата, но без да образложи причини за тоа.

Изборот за шеф на вишото обвинителство требаше да се случи во понеделникот, но се одложи за следниот понеделник, односно за 21 ноември. Официјалната причина за одложувањето беше дека на членовите на Советот на јавните обвинители им било потребно уште време да ги разгледаат досиејата и оценките на кандидатите, но неофицијално сепак се шпекулираше дека членовите не можат да се усогласат, односно имало отстапувања од првичниот план за кого да гласаат.

Слични содржини