„Играј фер“: Преку заедништво во спортот ги рушиме сите бариери, различности и предрасуди

од Aleksandar Todeski

Денеска на фудбалското игралиште Локомотива, се одржа спортскиот настан „Играј фер”, во организација на Агенција за млади и спорт. „Играј фер” е настан на кој 35 ученици од 11 основни училишта од Скопје, Тетово и Велес одржаа заеднички фудбалски тренинг заедно со спортските ѕвезди Дарко Панчев и Вујадин Станојковиќ. Младите фудбалери имаа можност да слушнат мотивациски говори, совети и техники од спортските ментори, а потоа одиграа фудбалски натпревари во мешан состав.

Целта на овој настан е запознавање, вмрежување и интегрирање на млади кои не доаѓаат од иста средина, како и надминување на стереотипите, зголемување на меѓусебната толеранција на млади од различни етнички средини и нивно поврзување преку фер спортска игра.

„Со овие заеднички тренинзи ги насочуваме децата што повеќе да спортуваат и да ги рушат сите бариери, сите различности и сите предрасуди. Спортот е моќна алатка со која децата се учат на заедништво преку тимскиот дух. Преку спортот можеме да направиме поубава држава за живеење, бидејќи на крајот спортот е тој што победува, а тимскиот дух ги насочува младите во правилна насока. Продолжуваме со овие тренинзи, со различни спортови, следниот викенд имаме тренинг во борење, па потоа во кошарка“, изјави Дарко Каевски, директор на Агенција за млади и спорт.

„Чест и задоволство ми е да бидам дел од овој тренинг, сигурен сум дека некое од овие деца ќе израсне во ѕвезда и репрезентативец или фудбалска легенда. После многу години зачауреност, го враќаме училишниот спорт. Ова нема да застане со фудбалот, ќе продолжи со другите спортови, а децата преку сплотеност и заедничка игра ќе имаат нешто што ќе остане. Љубовта кон спортот и работната навика се многу важни, иако не можеме сите да бидеме врвни фудбалери, сигурно е дека ќе стекнеме многу пријатели и навики кои ќе ни користат во животот“, истакна Вујадин Станојковиќ.

„Почетоците во школските години се многу важни, и оттука сите сме почнале да тренираме. Овие наставници иако не се истакнуваат многу, тие се особено важни и работат прекрасна работа бидејќи сите сме почнале тука. Спортот зближува, пријателствата остануваат и понатака без разлика кој колку ќе успее и затоа сме тука денеска да споделиме со овие деца наши искуства. Ова треба да се интензивира и да се вратат школските натпреварувања ако ги нема, благодарение на професорите па преку тренерите излегуваат врвни спортисти од училишниот спорт, а ние како поранешни спортисти сме тука да дадеме свој придонес“, им порача на младите фудбалери Дарко Панчев

Агенцијата за млади и спорт интензивно работи на поттикнување на спортот како професионална или рекреативна определба меѓу младите, на оснажување на училишниот спорт, но и на подобрување на условите за спорт на локално ниво што дополнително ги мотивира за спортување и создава еднакви можности за сите.

Слични содржини