„Илинденска“ останува блокирана, превозниците бараат да им се исплати долгот

од Nikola Popovski

Приватните превозници со своите автобуси продолжуваат да протестираат пред објектите на Градското собрание, при што блокиран е булеварот „Илинден“ од потегот кај Фонтана до крстосницата кај ГОБ 8-ми септември.

Помош да се најде решение за проблемот со исплатата на долгот од Град Скопје, во петокот побараа и од премиерот Димитар Ковачевски до кого, велат, испратиле барање за средба.

-Решавање на дневни, менаџерски проблеми, како што е овој со превозниците, тоа не е работа на Владата, тоа треба што поскоро да го реши градоначалничката и мнозинството во Советот од ВМРО-ДПМНЕ да им го врати функционален градот на скопјани. Кавгите граѓаните не ги интересираат, туку решенијата, изјави Ковачевски во интервју за МИА.

Тој потсети дека измина една година откако ВМРО-ДПМНЕ ја презеде локалната власт во Скопје, а резултатот, како што кажа, што го гледаме денес е дека главниот град е сѐ, само не главен и уште помалку модерен град и оти тоа е недозволиво.

Приватните превозници од „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ започнаа со блокада на главниот град на 28 ноември кога со околу 30 автобуси на раскрсницата кај Мавровка, односно булеварите „Гоце Делчев“ и „Крсте Петков Мисирков“, побараа да им бидат исплатени долговите за да можат да почнат повторно со работа.

Возачите на автобусите на приватните превозници велат дека повеќе од 200 семејства се на раб на издржливост заради неисплатениот долг, додека во меѓувреме, градските власти ги отфрлуваат наводите дека им должат пари на компаниите.

Слични содржини