Имате болки во стапалата? Еве што сè ги предизвикува

од Elena Daskalova

Неудобните обувки се причина број 1 зошто често имате болки во стапалата, особено доколку се работи за нови чевли.

Најнеудобни, убедливо, се чевлите со високи потпетици кои девојките и жените ги обожаваат, па дури и ги носат цела вечер само неколку часа откако се купени.

Но, доколку не се работи за неудобни чевли, болките можеби имаат друго потекло. Можеби се работи за повреда за која не сте ни свесни, сте имале промени во телесната тежина или пак, сте се изложиле на интензивна физичка активност.

Во продолжение ви ги наведуваме некои од честите причини за болка, што не ги вклучуваат чевлите, според тоа каде болката се појавила:

Предниот дел од стапалото

Во коренот на прстите, каде газите кога носите висока потпетица. Најпрво, проверете дали имате некаква повреда. Доколку нема такво нешто, можно е да се работи за реуматоиден артритис, кој ги напаѓа зглобовите.

Околу ножниот палец

Можна повреда на зглобот на ножниот палец за која не сте ни биле свесни. Може да се случи поради предолго носење тесни чевли, но и да биде последица на спортска повреда, особено ако спортувате нешто што вклучува удирање со нога, на пример фудбал или карате. Помалку честа причина е артритично воспаление, кое се случува поради присуство на калцификати кај зглобовите или на уреа, чии кристали се лепат на зглобот.

Петицата

Ако чувствувате болка во делот на петицата, која е особено лоша наутро, а преку ден станува поподнослива, можно е да се работи за воспаление на ткивото кое преку сводот ја поврзува со коренот на прстите. Интересно е што оваа болка речиси исчезнува кога се движите, но во истиот момент кога седнувате да одморите, почнува повеќе да боли. Ова се случува затоа што нема доволно притисок врз коските и мускулите. Проблемот се решава најчесто со антибиотски локален третман.

Сводот на стапалото

Можеби е истиот воспалителен процес како за петицата, но може и да е последица на рамните стапала, доколку постоел тој проблем во детството. Доколку забележите дека стапалото ви се врти навнатре и дека така имате помалку болка, побрзајте со закажување на термин кај ортопед, бидејќи тоа значи дека треба да носите ортопедски влошки во чевлите.

Врвовите на прстите

Во овој случај се работи за физичка повреда или за инфекција. Оваа состојба е честа кај фудбалерите и кај оние кои трчаат, особено што е тесно поврзана со ударите на прстите во внатрешноста на чевлите. Тие удари не се интензивни, но кога се случуваат долгорочно, повредите, макар и на кожата, се неизбежни. Исто така не е исклучена можноста и да се работи за инфекција на ноктите или нивно физичко оштетување, која особено тешко е да се забележи во зима, кога поминуваме многу малку време боси.

Во коренот на палецот

Болката во овој дел на стапалото може да значи дека се формира т.н. „мртва коска“, која се појавува поради изместување на зглобот и собирање калцификати. Повторно, жените се поизложени на овој ризик, поради неудобните обувки и физичките активности кои ги имаат носејќи ги – особено чевлите со шпиц-врв.

Слични содржини