ИНТЕРВЈУ со Димитров: Европскиот наратив оваа влада го сведе на една празна флоскула и не мислам дека гласачите тоа го „купуваат“

од Stefanija Kuzmanovska
1,4K прегледи

Има голема манипулација со европскиот наратив, кој очигледно безкурпулозно се користи во партиски цели и пред избори. На некој начин политичките елити научија да зборуваат проевропски, меѓутоа премалку гледаме проевропско однесување и владеење. Европскиот наратив, за жал, оваа влада го сведе на една празна флоскула и не мислам дека гласачите тоа го „купуваат“, а тоа анкетите го покажуваат, истакна претседателот на Балканскиот центар за конструктивни политики – „Солуција“ и поранешен министер за надворешни работи, Никола Димитров во интервју за „Локално“.

„Нам ни треба претседател со интегритет кој на голем принцип ќе знае и на партијата која му дала поддршка на избори да каже НЕ, кој ќе има способности да шири пријателства и особено во делот на своите надлежности да отвора врати и да ги турка напред стратешките интереси на Македонија. Нам ни треба вистински татко на нацијата, или мајка на нацијата“, наведе Димитров.

Трендот и расположението на граѓаните, вели тој, најавува политички промени.

„Мислам дека ќе имаме една нова политичка ситуација, една нова влада. Тоа нема да биде доволно за системски промени. Ако има таа влада политичка волја да биде сојузник со граѓанството за да почнеме вистински да си ги поправаме работите и реално да се соочуваме со проблемите тоа ќе биде одлично. Тоа што ќе биде клучно е граѓаните да се потсетат каква сила имаа кога беа гласни и мислам дека без таа гласност многу мали се шансите да очекуваме дека дури и еден целосен политички пресврт вистински ќе почне да ни ги решава клучните проблеми во смисла на здравство, образование, пристап до правда итн.“, додава Димитров.

Македонија ја очекуваат претседателски и парламентарни избори во мај, можеме да видиме целосна промена во политичкиот пејсаж. Какви се вашите очекувања за изборите и дали „Солуција“ планира учество во некаква форма?

-Сметам дека доминира барањето за промени, таква е атмосферата. Ние вчера промовиравме едно истражување на јавното мислење каде големо мнозинство на испитаниците велат дека актуелната влада не заслужува нов мандат, некаде ¾ од испитаниците. Истовремено околи 60 проценти не мислат дека промената на власт ќе ги реши нивните вистински проблеми. Мислам дека тоа чувство и тоа мислење доминира меѓу граѓанството. Ние имавме една лекција од последниве години со промената на режимот на Груевски. Видовме дека не е доволно да се смени власта, само по себе тоа не го менува системот, а тоа што нам ни треба се системски промени. Во таа смисла мислам дека Македонија се движи кон политички промени, но тоа нема да биде доволно за граѓаните да почнат да веруваат дека земјата оди во исправна насока. Само некаде околу 11 проценти во овој период мислат дека одиме во правилна насока. Тоа значи дека огромното мнозинство на народот мисли дека одиме во спротивна, во лоша насока или назад. Затоа промената на власт веројатно ќе биде и мислам дека е речиси извесна. Меѓутоа ќе има простор за активизам, за гласност, за притисок на граѓаните кон политичките фактори за да си ја подобриме состојбата во оние области кои болат – здравство, образование, правда итн.

Еден од проектите на кои работиме како „Солуција“ е платформа за граѓански активизам, граѓанска сила „Замисли“. Целта е да го поврземе знаењето и експертизата од невладиниот сектор со силата на граѓанството и да туркаме кон промени, меѓутоа не преку избори. Тоа значи дека нема да учествуваме на изборите, меѓутоа на некој начин акцијата е поставена на премисата дека политиката ни е преважна за да ја оставиме само на политичките партии и дека ние како граѓани имаме и потенцијал и одговорност да нудиме решенија. Да притискаме тие решенија да се прифатат и да станат реалност бидејќи не мислиме дека работите се добри и не мислиме дека ќе се подобрат сами од себе и не мислиме дека решението ќе дојде само од Брисел или од Вашингтон без дома да сме организирани и активни. Нашиот главен предизвик во овој период во македонското општество мислам дека е чувството на апатија и кревање раце. Поради тоа фокусирани сме на победи, макар мали, за да покажеме на луѓето дека и од нив зависат работите и нашата прва интервенција во соработка со членски организации во здравството – „Клуб на млади лекари“, „Асоцијација на лекари-специјализанти“, ќе биде да го смениме начинот како се вработуваат младите лекари. Најдобрите да можат да добијат работа во јавните здравствени установи.

Имаше многу дебати за тоа дали треба да се укине техничката влада, која се воведе со пржинските договори пред речиси 10 години. Каков е вашиот став по ова прашање, дали ваков тип на функционирање покажува дека сè уште не можеме да гарантираме фер изборен процес?

-Техничката влада е на некој начин резултат на политичката криза од 2015-2016 година, од времето кога Европската комисија преголемата концентрација на партиска моќ ја нарече „заробена држава“. Институции кои не служат на јавниот, туку на партискиот интерес. Има аргументи зошто можеби треба да ставиме точка на оваа практика, меѓутоа има и аргументи зошто можеби уште има логика, со оглед на тоа што не мислам дека институциите целосно се ослободени во смисла на служба на граѓанството и јавниот интерес. Премногу, посебно во кадровската политика, институциите зависат од волјата на партиите на власт. Законот за висока раководна служба предолго време стои во фиока, кој всушност значи воведување повеќе мерит при именувањето на високи позиции во јавната администрација. Директори на клиники, директори на училишта, директори на јавни претпријатија, итн. во основа зависат од партиско-политичката поддршка и бидејќи тие ги должат своите функции на партиите, понатаму враќаат услуги и институцијата повеќе служи на партијата отколку на граѓанството и државата и јавниот интерес. Додека е тоа така, има аргументи овој систем со техничката влада да опстои бидејќи малку ги комплицира овие односи бидејќи вмешува и други опозициски партиско-политички центри на моќ.

Прв премиер Албанец веќе е реалност за земјава, иако дојден на позиција по меѓупартиски договор, а не избран од народот. Ковачевски вели дека етничката припадност не е професија, Мицкоски истакнува дека не заслужил да биде таму, додека американската амбасадорка Агелер порача дека ова е силна потврда за демократизацијата на Македонија. Како вие гледате на ова „назначување“ на Џафери?

-Господинот Џафери е технички премиер и неговиот претходник кој што беше претседател или премиер на политичка влада, а не техничка, исто така не беше директно избран од гласачите. Неговиот легитимитет го црпи не од избори – туку од партиски избори во една партија, односно СДСМ.

Да се повикам пак на нашата анкета, големите проблеми на граѓаните како што се корупција, пристап до правда, ниски приходи и сиромаштија, криминал, животна средина и еколошките прашања, ги споделуваат и Македонците и Албанците и другите етнички заедници и тоа од една страна е добра работа бидејќи на некој начин нацијата заеднички се движи кон соочување со проблемите. Тоа упатува дека етничката припадност не е толку важна – многу поважен е интегритетот на премиер, претседател, претседател на Собрание, резултатите, начинот на служење на граѓаните и јавниот интерес, отколку дали е од една или од друга етничка заедница. Мислам дека степенот на меѓуетнички односи ни е таков што без разлика дали е Албанец или од некоја друга етничка заедница, ако имаме политички лидер кој што ќе покаже грижа за сите, грижа и за националните прашања кои посебно ги тангираат Македонците, тогаш ќе можеме да кажеме дека одиме во еден зрел правец во нашата демократија. Не сум сигурен дека сме уште таму.

Сметам дека едно прашање посебно заслужува политичко и јавно внимание, а тоа е прашањето за правичната застапеност. Таму, според Охридскиот договор, има крупни резултати и сликата е сосема различна од тоа време и мислам дека дојде време во нашиот систем да внесеме повеќе мерит. Мора да се поважни квалификациите и способноста на кандидатите за работни позиции, за повисоки позиции – тоа мора да е поважно од етничката припадност на кандидатот. Предолго време доминира само етничката припадност и тоа не е добро ниту за Македонците, ниту за Албанците и другите етнички заедници во земјава. Предизвикот на партизацијата ги тангира и Македонците, но и Албанците.

Во јавноста почнаа да се појавуваат имиња за кандидати за следен претседател, меѓу нив се шпекулира и за името на лидерот на АА, Таравари кој е посакуван како кандидат од здружената албанска опозиција. Подготвена ли е земјава за прв претседател Албанец? Каков претседател ѝ е потребен на Македонија?

-Се приближува 20-годишнината од трагичната смрт на поранешниот претседател Трајковски и понекогаш во овие големи искушенија, јас бев близок со него и работевме заедно во тешката 2001 година, повремено ми доаѓа мисла колку ни недостасува во овие големи пресвртници и раскрсници. Нам ни треба претседател со интегритет кој на голем принцип ќе знае и на партијата која му дала поддршка на избори да каже НЕ, кој ќе има способности да шири пријателства и особено во делот на своите надлежности да отвора врати и да ги турка напред стратешките интереси на Македонија. Да знае со неговата надлежност од прогласување на закони кога работите не одат на добро, на пример како што беше случајот со промените на Кривичниот законик, да каже НЕ и истите да ги спречи без разлика на односите не еден таков претседател или претседателка со партиите кои му се блиски и го поддржале. Нам ни треба вистински татко на нацијата, или мајка на нацијата.

Уставните измени остануваат камен на сопнување на нашиот евроинтегративен пат. Сè уште актуелната гарнитура вели дека доколку дојде опозицијата на власт нема да ја видиме ЕУ уште 100 години, според нивното интерпретирање на зборовите на Мицкоски. Дали евроинтеграциите на Македонија ќе бидат загрозени ако ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт?

-Има голема манипулација со европскиот наратив кој очигледно безкурпулозно се користи во партиски цели и пред избори. На некој начин политичките елити научија да зборуваат проевропски, меѓутоа премалку гледаме проевропско однесување и владеење. Ако владејачката коалиција навистина сака да се приближиме кон ЕУ не може да го менува Кривичниот законик на ваков начин, да ја намалува казната, па да се скратуваат роковите и да настапува застареност за многу кривични дела за висока корупција, злоупотреба на службената положба и тоа уште да го направи бербатејќи го европското знаменце. Ние ќе бевме во многу различна позиција ако го донесоа законот за високо-раководна служба, ако се повлекоа барем чекор назад од образованието, здравството, судството, ако вистински се боревме против корупцијата. Видовме од овој многу успешен состав на Државната комисија за спречување на корупција колку од нивните иницијативи имаат вистинска завршница и резултат. Така што европскиот наратив, за жал, оваа влада го сведе на една празна флоскула и не мислам дека гласачите тоа го „купуваат“, а тоа анкетите го покажуваат.

Пристапниот процес не може да биде само билатерални прашања, а дури и во однос на билатералните прашања тоа што дозволија да се спои прашање исклучително комплицирано и емотивно – идентитетски прашања, историски прашања со неопходните реформи е многу мечкина услуга и на нашата земја и воопшто на процесот на проширување. Ние мора да најдеме еден рационален излез да се вратиме на тој пат меѓутоа клучното е никогаш да не заостануваме зад другите земји кандидати бидејќи ние не сакаме само да ги почнеме преговорите, ние сакаме да ги завршиме и да станеме земја-членка. За да не заостануваме клучно е да работиме дома и да сфатиме дека нашата судбина е во наши раце. Пристапниот процес е исклучителна реформска алатка, но таа не носи резултати сама од себе ако овде нема политичка и општествена сила што ќе гризе и вистински ќе турка напред. Тоа значи многу намалување на политичкиот колач, за да има повеќе за граѓаните. Преголем е партиско-политичкиот колач во македонската политика.

Дали е можно репреговарање на условите на тип на договор каков што е „францускиот предлог“, како што наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ?

-Има два предизвика, односно проблеми кои во овој сегашен пакет што јас го нарекувам „каша“ заслужуваат мудрост, работа и одговорност за да се најде излез и тие да се адресираат. Едното е стравот дека ова не е последната пречка и дека ако најдеме начин да го направиме овој исчекор постои страв којшто реално не е нерационален бидејќи имаме јавни изјави на бугарски високи функционери дека тоа не е последниот услов. Вториот протокол, кој е поврзан со преговарачката рамка и со пристапниот процес создава очекувања кај нив во однос на историската комисија и други прашања. Ова прашање на извесност на еден поизгледен пат кон членство заслужува внимание и работа и тоа со Софија, со земјите-членки, дома. Многу немудро се водеше политиката по ова прашање и внатре. Јас мислам дека немаше чесен, искрен обид да се најде една заедничка стратегија. Статус-квото не е добро ниту за Бугарија, македонските граѓани гледаат прв проблем во Бугарија во однос на другите држави. Ако целта им е еден вистински европски близок, пријателски однос, ваквата консталација и статус-квото не само што не ги спласнуваат тензиите, туку инвестира во антагонизмот. Мислам дека тоа не е добро за македонско-бугарските односи и за нашата иднина.

Втор проблем во врска со ова е прашањето на идентитетот. Македонците се навредени од Бугарија бидејќи официјална Бугарија, нејзините власти напишаа црно на бело на документ кој го депонираа во Брисел дека тие никогаш нема да го признаат македонскиот јазик. Ние живееме во Европа во 21 век и едно од клучните вредности е „обединети во различноста“. Сите јзици на европско тло се вредност и треба да се почитуваат.

Очигледно имаме еден пакет каде што владата направила тоа што народот го вика „сметка без крчмар“, ветила нешто што не може да го испорача и во таа смисла не мислам дека има невозможни нешта, меѓутоа треба да се игра многу вешто. Мора ние да си ја преземеме одговорноста за оваа ситуација и мудро да најдеме излез што ќе ги покрие, меѓу другото, и овие две прашања и да најдеме начин Бугарија да ја убедиме дека оваа ситуација не е добра. Прашање е дали паметиме време кога односите биле полоши. Тоа значи дека прашањето не е решено.

Вие сте еден од потписниците на Преспанскиот договор кој донесе членство во НАТО и нè стави под безбедносниот чадор на Алијансата. Гледајќи што се случува во Украина, но и во соседно Косово, како и нескриените провокации од Бугарија, дали гледате на овој договор како договор кој ја спасил земјава од конфликт?

-Преспанскиот договор реши еден огромен, децениски проблем кој ни беше како котва, нè влечеше назад. Доцна влеговме во ОБСЕ, доцна влеговме Советот на Европа, изгубивме генерации во однос на европскиот пат и членството во ЕУ. Преспанскиот договор го реши тој проблем, го обезбеди членството во НАТО и со тоа влеговме во една безбедносна алијанса во моменти пред разнишување во светот. Дефинитивно е нарушена безбедноста и на континентот, има некои загрижувачки трендови и во нашиот регион и мислам дека тоа долгорочно носи една извесност за стабилноста на нашата држава. Тука сме да останеме во овие граници и заедно сме со најмоќната одбранбена алијанса во светот.

Истовремено Преспанскиот договор го реши македонското прашање со Грција. Го решивме тоа со еден компромис каде ние излеговме од тој проблем како Македонци кои зборуваат македонски јазик, а Грција ја доби дистинкцијата од нивната Македонија со нашата држава Македонија. Мислам дека како што поминува времето овој договор придонесува да спласнуваат тензиите и стереотипите во односите меѓу двете држави. Но истовремено тоа не значи дека работата е целосно завршена бидејќи недостига имплементација на договорот и мора да има енергија од двете страни позитивната агенда да се турка напред.

Друга илустрација дека не се работи доволно и навремено е ужасот со пасошите и личните документи. Прво, во смисла на организација дома. Второ, со навремена дипломатска акција со Грција, уште пред ова прашање да излезе од контрола. Впрочем, двете страни доцнат со спроведување на свои обврски, двете страни имаат интерес да не создаваат дополнителен отпор против договорот и двете страни имаат интерес од непречено преминување на границата. Со мудар и пријателски пристап, водејќи сметка за овие заеднички интереси, овој проблем веројатно ќе беше решен пред да стане огромен.

Договорот постои ако столбот – Македонци кои зборуваат македонски јазик, е тука. Во моментот кога договорот ќе се злоупотреби во форма на „Северномакедонци“ веќе не може да постои Северна Македонија. Тоа е логиката на Преспанскиот договор.

Во Македонија, но и во регионот на Западен Балкан гледаме опаѓање на поддршката за ЕУ и манифестација на поголеми симпатии кон Истокот (Кина и Русија). Од Москва и Пекинг слушаме изјави за „нов глобален поредок“ и губење на водечката улога на Западот. Како, според Вас, земјава треба да се постави во оваа ситуација, иако нашите стратешки позиции се поставени од независноста?

-Ако за нешто се согласува нашиот регион, Балканот, се согласува за заедничката европска иднина. Меѓутоа процесот на проширување веќе 20 години од ветувањето од Солун: „Вашата иднина е со нас, имате европска перспектива“, освен успехот на Хрватска во 2013 година имаме премалку да покажеме како успех и тоа посебно се однесува на македонската приказна. Ние сме многу драстичен пример на тешкотии, неправди и блокади. Македонија географски е во регион кој што е опкружен со земји-членки на ЕУ. Ние сме како соба во куќата на ЕУ, така ја нарече еднаш Макрон, која не е вклучена во системот на одржување. Тоа не е добро воопшто за целата куќа, ако имате соба која седи во темница и каде вратата не се отвора. Посебно не е добро за луѓето кои се таму, меѓутоа општо не е добро за сите во заедничката куќа.

Луѓето не одат на Истокот кога одлучуваат да си ја бараат среќата во странство, одат главно во земјите на ЕУ. Сметам дека тоа расположение не е толку про-Исток, туку тоа расположение е повеќе реакција на разочарувањето зошто сето ова толку долго трае, во однос на Западот.

Каде ја гледате Македонија по 8 мај? Ќе успее ли земјава да се придвижи напред кон ЕУ или ќе останеме и понатаму длабоко во балканската кал, но овој пат со страв за опстанок на земјата поради актуелниот геополитички контекст и конфликтите на европскиот континент?

-Трендот и расположението на граѓаните најавува политички промени. Мислам дека ќе имаме една нова политичка ситуација, една нова влада. Тоа нема да биде доволно за системски промени. Ако има таа влада политичка волја да биде сојузник со граѓанството за да почнеме вистински да си ги поправаме работите и реално да се соочуваме со проблемите тоа ќе биде одлично. Можеби на почетокот на мандатот ќе имаме една таква ситуација. Тоа што ќе биде клучно е граѓаните да се потсетат каква сила имаа кога беа гласни и мислам дека без таа гласност многу мали се шансите да очекуваме дека дури и еден целосен политички пресврт вистински ќе почне да ни ги решава овие клучни проблеми во смисла на здравство, образование, пристап до правда итн. Ако вистински се посветиме на овие прашања можеби ќе почне и да се раѓа нешто што е многу важно – надежта, бидејќи ова чувство на апатија и кревање раце и на немање доверба во никој и ништо, никогаш не може да води кон нешто добро. Мора да си ја вратиме енергијата, политичките промени можеби ќе бидат добра работа, но нема да бидат доволни.

Гледајќи ги анкетите и расположението, мислам дека граѓаните си ја имаат научено лекцијата. Ќе има многу обиди за манипулација, доаѓаат избори, ќе има обиди посебно европскиот наратив да се употреби или злоупотреби во партиско-политички предизборни цели, меѓутоа сметам дека граѓаните се презрели за да „паднат“ на еден површен спин.

С.К.

Слични содржини