Интервју со Зајкова: Во понудата на ВМРО-ДПМНЕ изостанува конкретен план за полноправното членство во ЕУ

од Nikola Popovski

Либерално демократската партија и СДСМ иако во голем дел од политиките идеолошки се разликуваат, сепак има политики и во кои се согласуваат. ЛДП уште пред почеток на преговорите за коалиции јасно го кажа својот став- дека ќе преговара и коалицираа со оние партии кои гласно кажуваат ДА за спој на Македонија со брзиот воз за Европската Унија, затоа што од своите почетоци јасно се стреми кон полноправна европска интеграцја, вели во интервју за „Локално“, претседателката на Либерално-демократската партија, Моника Зајкова околу приклучувањето на нејзината партија кон „Коалицијата за европска иднина“.

Зајкова порача дека ЛДП не добила понуда од ВМРО ДПМНЕ за заеднички настап на претстојните избори.

-Нашите истражувања покажуваат сосема поинаква состојба од она што сака политичкиот опонент да го креира како перцепција во јавноста исто како што сака да создаде страв кај граѓаните преку лажни вести. Најдобра анкета ќе биде гласот на граѓаните на денот на изборите. Не знам кој ќе победи на овие избори, но знам кој ќе ја формира идната Влада, вели лидерката на ЛДП за шансите на актуелната владеачка коалиција да избори уште еден мандат.

За понудата на партијата на Христијан Мицкоски во предизборието, Зајкова објаснува дека она што изостанува е конкретен план за полноправното членство во Европската Унија.

Околу уставните измени и дали евентуално постои план Б, пратеничката вели дека „ако опозицијата имаше план Б досега јасно требаше да го презентира и да добие јавна поддршка и одобрување на тој план“.

-План Б кој ќе го презентираме после избори значи дека нема план, но се бориме само да дојдеме на власт. Секој од нас може да раскажува како замислува нешто, но замислата е едно- реалноста е сосема нешто друго, истакнува Зајкова.

Неколку партии ја напуштија коалицијата, вие решивте да продолжите и понатаму со СДСМ. Што ве натера на ваквата одлука?

-Ние сакаме да ја видиме Македонија прогресивна, рамо до рамо на масата со земјите членки во Европската Унија. Највисоката цел која овој пат не обедини е полноправното членство во Европската Унија. Коалициите секогаш се темелат на одредени вредности и цели кои ги споделувате. Либерално демократската партија и СДСМ иако во голем дел од политиките идеолошки се разликуваат, сепак има политики и во кои се согласуваат. ЛДП уште пред почеток на преговорите за коалиции јасно го кажа својот став- дека ќе преговара и коалицираа со оние партии кои гласно кажуваат ДА за спој на Македонија со брзиот воз за Европската Унија, затоа што од своите почетоци јасно се стреми кон полноправна европска интеграција.

Имаше ли некаква понуда од ВМРО ДПМНЕ за коалиција? Таму го „ловат“ секој глас за 61 пратеник, барем според потпретседателот на партија, Александар Николоски…

-Либерално-демократската партија не добила понуда од ВМРО ДПМНЕ. Едно се желбите друго е реалноста на терен. Не е здраво за демократијата  на една земја, една партија да има апсолутно мнозинство затоа што паметиме што тоа значеше во блиското минато и колку ја загуши индвидуалната слобода. Сепак легитимно е секоја партија да се бори преку лобирање и предизборни и постизборни коалиции за мнозинство во Собранието, а оној кој ќе обезбеди мнозинство да ја формира и следната Влада.

Какви се според вас шансите на актуелната Влада да ја задржи власта? Анкетите не ви се наклонети…

-Зависи за кои анкети зборуваме. Нашите истражувања покажуваат сосема поинаква состојба од она што сака политичкиот опонент да го креира како перцепција во јавноста исто како што сака да создаде страв кај граѓаните преку лажни вести. Најдобра анкета ќе биде гласот на граѓаните на денот на изборите. Не знам кој ќе победи на овие избори, но знам кој ќе ја формира идната Влада- тоа е оваа Коалиција за Европска Македонија која знае како и дава јасен план за развојот на државата. Можеби во моментот некому тоа не му се допаѓа и не сака да ја види Македонија во Европската Унија, но јас верувам дека на долг рок ќе се покаже кој носел исправни и тешки одлуки за опстанокот и напредокот на државата, а кој сеел страв и бегал од одлуки само да дојде до власт, моќ и да ја сочува својата политичка кариера.

Што ќе биде пресудно за победа на овие,како што ги нарекуваат од опозицијата, ,,историски избори”? Колку ЕУ наративот, кој е централен во говорите на Ковачевски, е доволен за победа?

-Овие избори говориме дека се историски бидејќи од нив зависи по кој пат ќе продолжи Македонија. Дали ќе веруваме во празни флоскули или во јасен план за напредок на државата и исполнување на стратешките цели кои таа ги поставила.

Како ја оценувате понудата на ВМРО-ДПМНЕ? Некои велат ветуваат „брда и планини“ само да ја освојат власта, други гледаат спас во неа…

-Она што изостанува во нивната понуда е конкретен план за полноправното членство во Европската Унија. Не гледам јасна визија и чекори како ќе ја исполнат оваа стратешка цел и дали немањето јасен план ќе значи нови 17 години изолација или пак ќе значи ретерирање од нивниот досегашен став и валоризирање на сите тешки одлуки кои оваа Коалиција ги донесе?

Со голем дел од мерките во останатите области што ВМРО-ДПМНЕ ги понудила во својата програма не можам, а да не се согласам бидејќи се превземени од Програмата „Има излез“ промовирана од страна на ЛДП во 2011 година, а голем дел од нив се содржани и во Програмата „Секој е важен“ промовирана минатата година.

Паролите на опозицијата „да си ја вратиме Македонија“ се продолжение на „ДУИ е стопанот, СДСМ е измеќарот“. Доведена ли е државата во ваква состојба во изминативе 7,8 години?

-Не смее да навлегуваме во наративот на креирање поделби кои лесно може да резултираат со подлабок конфикт. Јас не знам каде треба да ја вратиме Македонија? Во изолација? Како заробена држава? Македонија е земја членка на НАТО, високо на листата на слобода на медиумите, земја во која има напредок во поглед на почитување на човековите слободи и права, земја со реален раст на платите и куповната моќ на граѓаните, земја која ги надмина меѓуетничките конфлити и поделби кои некои политичари во минатото сакаа да ги креираат.

Очекувате ли влошување на меѓуетничките односи пред,за време и по изборите? Ахмети нафрла зборови како „руско сценарио“ или тоа е само предизборен фолклор?

-Не навлегувам во толкувања на туѓи изјави, ниту во било какви сценарија. Единствено прифатливо сценарио за мене е Европска Македонија прогресивна, либерална, демократска каде правото на секого е почитувано и се почитува квалитетот на секој човек. Македонија чии граѓани се достоинствени и реципрочни со граѓаните од земјите-членки на Европската Унија.

Дали уставните измени се единственото решение за придвижување на евроинтеграциите на земјава? Има ли план Б, како што убедуваат од опозицијата?

-Ако опозицијата имаше план Б досега јасно требаше да го презентира и да добие јавна поддршка и одобрување на тој план. План Б кој ќе го презентираме после избори значи дека нема план, но се бориме само да дојдеме на власт. Секој од нас може да раскажува како замислува нешто, но замислата е едно-реалноста е сосема нешто друго. Ние од страна на сите меѓународни партнери слушнавме дека нема репреговарање, дека тоа е обврската и по исполнување на истата веднаш без одлука започнуваме отворање на вториот дел од преговарачкиот процес, тоа се преговорите по поглавја кои треба да не одведат до полноправно членство.

Пред година и половина станавте претседател на ЛДП, ко-носител сте рамо до рамо со можниот иден премиер на Македонија, која е следната позиција на која целите?

-Ајде да почекаме да завршат изборите. Прерано е да говориме за функции кога имаме повисок приоритет, а тоа е Европска Македонија. Важно да бидеме гласот на граѓаните и да работиме за добробит на државата.

Најголемиот проблем со кој се соочуваме е системската корупција, за која имаме забелешки и од нашите западни партнери. Дали тоа е најголемото потфрлање на оваа влада, кое на крајот ќе излезе пресудно?

-Секој што работи прави и грешки. Не сум ни јас многу задоволна од реформите на ова поле и знам дека можевме повеќе и подобро. Сепак мора да ги кажуваме и фактите. Оваа Влада покажа дека никој не е недопирлив и дека и луѓе од сопствените редови кои се огрешиле одговараат пред законот. Не смее да заборавиме дека оваа Влада не се плашеше да донесе нов Закон за изборот на членовите на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација кој е многу потранспарентен и јавен во однос на тоа што некогаш бил. Македонија имаше скок од 9 позиции  и напредок на ранг листата според Глобалниот индекс за перцепција на корупцијата за 2023 во однос на 2022 објавена од „Транспаренси интернешнл“. Не смееме да заборавиме дека и дел од реформските закони предвидени во Стратегијата за реформи во правосудство наидоа на онаа активна блокада од страна на опозицијата. Беа донесени 40 препораки од страна на Оценската мисија во доменот на судскиот Совет и јас искрено се надевам дека ќе покажеме волја и национален консензус да ги имплементираме и конечно да го реформираме правосудството.

Н.П.

Слични содржини