Иран егзекутира четири лица за кои се тврди дека биле поврзани со Мосад

од Nikola Popovski

Денеска Иран егзекутира четири лица и осуди неколку други на затворски казни за нивните наводни врски со израелската служба за безбедност Мосад, објавија локалните медиуми.

Утринава биле егзекутирани Вафа Ханарех, Арам Омари, Рахман Пархазо и Насим Намази, објави сајтот „Мизан“ без да го прецизира начинот на кој е извршена егзекуцијата.

АП пишува дека најчеста смртна казна во Иран е бесењето.

Тројцата мажи и една жена се обвинети дека киднапирале неколку припадници на иранските безбедносни сили со цел да извлечат разузнавачки информации од нив, пишува „Мизан“, кој е близок до иранските правосудни власти.

Тие се обвинети и за палење на автомобили и станови на некои ирански разузнавачи.

Во извештајот се наведува и дека уште неколку лица од истата група се осудени на по 10 години затвор.

Пред четири дена, високиот ирански генерал Сејед Рази Мусави беше убиен во израелски воздушен напад врз населба во Дамаск, главниот град на Сирија. Тој е долгогодишен советник на влијателниот корпус на иранската револуционерна гарда во Сирија.

Иран и Израел долго време меѓусебно се обвинуваат за шпионажа и водат војна во сенка.

Во ноември, генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш рече дека Иран извршува егзекуции со „алармантна брзина“, бидејќи најмалку 419 луѓе биле убиени во првите седум месеци од оваа година.

Слични содржини