Исмаил-Хактан за „Локално“: Вазалскиот однос кон САД не е од вчера и не е карактеристика само на актуелната влада на ВМРО-ДПМНЕ

-Како „захевтана“ држава за Западот се доведовме во позиција да бидеме учесници во проекти, како на пример НАТО, дури и кога тие се на наша штета, вели во интервјуто потпретседателот на Левица и пратеник

од Nikola Popovski
50 прегледи

„Македонија, пред сè, треба да се насочи кон своите национални интереси – кон позициите кои во оваа смисла значат подобар живот и подобри услови за својот народ. Дихотомијата што ни се наметнува – „или Исток или Запад“ – е погрешна, односно таа ни е наметната токму од страна на колективниот Запад, предводен од САД“, вели во интервју за „Локално“, потпретседателот на Левица и пратеник во Собранието, Реџеп Исмаил-Хактан за насоката на Македонија по тврдењата за рушењето на стариот светски поредок што го слушнавме од повеќе светски лидери на Светскиот економски форум во Давос.

Околу тоа дали може Македонија да игра седи на две столчиња, налик на тоа што го гледаме од српскиот претседател Александар Вучиќ, Исмаил истакнува дека не во таа мера како Република Србија, но можеме барем во, како што вели, онаа мера кога тоа очигледно е многу корисно за нас, а нема штета за нашите, условно кажано, „стратешки партнери“.

„Нашите позиции во ОН се, во најмала рака, скандалозни и срамни. Особено со последните гласања таму, ние како држава ги погазивме принципите и правилата на кои и самите се повикувавме при спротивставувањето на разните опструкции од соседите – пред сè мислам на процесите од споровите со Грција и Бугарија“, оценува потпретседателот на Левица за односот кој сега го имаат македонските власти кон САД и последните гласања во Обединетите Нации.

За Одборот за мир во Газа на американскиот претседател Доналд Трамп и фактот што Македонија (засега) не доби покана да биде дел од него, Исмаил вели дека „поразително е што нашата влада, како и дел од јавноста, смета дека е некаква чест да се биде дел од еден ваков план за колонијален грабеж и докусурување на палестинскиот народ“. Според него, тоа што не сме поканети, го смета за добра околност.

ЕУ, САД или Исток – на каде треба да се насочи Македонија по рушењето на стариот светски поредок, реченица која ја чувме од устите на многу светски лидери во Давос?

-Македонија, пред сè, треба да се насочи кон своите национални интереси – кон позициите кои во оваа смисла значат подобар живот и подобри услови за својот народ. Дихотомијата што ни се наметнува – „или Исток или Запад“ – е погрешна, односно таа ни е наметната токму од страна на колективниот Запад, предводен од САД, како една од страните што сите овие години од независноста на Република Македонија има хегемонска позиција на овие простори.

Ние, како „захевтана“ држава за оваа страна, се доведовме во позиција да мораме да бидеме учесници во проекти, како на пример НАТО, дури и кога тие се на наша штета. Западот досега ни велеше: или сте со нас, или против нас. За волја на вистината, нашите владејачки елити, со намера да се додворуваат на локалните шерифи на империјата, прават многу повеќе и од она што се бара од нас.

Колку изборот на САД би значел и откажување од ЕУ?

-Сметам дека тешко е да се замисли опстојување на ЕУ без САД, особено не ваква ЕУ каква што ја знаеме, или поточно, ЕУ каква што низ годините ни е портретирана – идеална заедница на европски држави; ЕУ што не е корумпирана; ЕУ што не загадува; ЕУ што има стандарди и ги почитува; ЕУ што не е колонијална и империјалистичка; ЕУ што не експлоатира…

Може ли и Македонија да игра седи на две столчиња, нешто што го гледаме од српскиот претседател со години? Колку ја имаме ние таа можност?

-Веројатно не во таа мера како Република Србија, но можеме барем во онаа мера кога тоа очигледно е многу корисно за нас, а нема штета за нашите, условно кажано, „стратешки партнери“. На пример, неодамна имавме случај на одбивање на понуда за бескаматен кредит од Народна Република Кина за изградба на железничка инфраструктура долж Коридор 10, додека за истата намена прифативме неповолен и крајно ризичен договор за заем со Велика Британија.

Истото се однесува и на одбивањето на проектот „Турски тек“, во кој Македонија требаше да биде клучна точка во инфраструктурата за снабдување на Европа со руски гас. Наместо тоа, денес, не само што немаме гасификација, туку и она што го имаме е гас по цена која е повеќекратно повисока од онаа што ќе беше. Истото важи и за нафтените деривати.

Сметате ли дека односот кој сега го имаат македонските власти кон САД се исправни, односно прифаќаат без збор што и да се каже од Вашингтон, што го видовме најјасно по гласањата во ОН, каде одевме и против многу земји-членки на ЕУ, кои ги сметаме за партнери?

-Треба да бидеме фер, ваквиот (вазалски) однос кон позициите на САД не е од вчера; тој не е карактеристика само на сегашната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Истото важеше и претходно, само што тогаш можеби не се манифестираше толку често, бидејќи од нас не било побарано, што би се рекло, „да застанеме во ред“.

Нашите позиции во ОН се, во најмала рака, скандалозни и срамни. Особено со последните гласања таму, ние како држава ги погазивме принципите и правилата на кои и самите се повикувавме при спротивставувањето на разните опструкции од соседите – пред сè мислам на процесите од споровите со Грција и Бугарија.

„Да бидеш среќен вазал е едно. Да бидеш несреќен роб е нешто сосема друго“. Иако ова е реченица, која белгискиот премиер ја искористи во контекст на односите ЕУ-САД, може ли ние да ја припишеме на наша сметка и дали може да извлечеме било какви поуки за во иднина, во однос на тоа какви односи треба да градиме со било која голема сила?

-Ние, за жал, досега не научивме ниту од сопственото искуство, кога бевме исклучиво несреќен вазал, па тешко дека сега ќе научиме од советот на европски државник кој првпат ја почувствува суровоста на хегемонската позиција на САД.

Мултиполарниот свет, кој веќе е реалност и кон кој треба да се насочиме, ги гради односите меѓу државите врз основа на партнерство, а не потчинетост и еднонасочна корист занемерувајќи ја штета по другиот. Подобар свет е можен и тој веќе постои, но балканските народи треба да ја тргнат завесата што го крие – завеса поставена од Брисел и Вашингтон.

Од друга страна, Албин Курти во Давос зборуваше и за нова реалност на Балканот, каде вели, конкретно ја спомена Србија, дека таа многу добро знае дека „Косово е држава“. Претседателката на најмладата држава на Балканот дури доби покана од Трамп за учество во Советот за мир на Газа, нешто што ние не го добивме, иако секоја земја од регионот има претставник. Какви се овие пораки кои ни се испраќаат, од нашиот „стратешки партнер“?

-Поразително е што нашата влада, како и дел од јавноста, смета дека е некаква чест да се биде дел од еден ваков план за колонијален грабеж и докусурување на палестинскиот народ. Тоа што не сме поканети јас го сметам за добра околност — среќа што не сме поканети. Инаку, не сите земји од регионот, особено не од ЕУ, ќе учествуваат во оваа иницијатива на Трамп. Словенија дури и официјално ја одби поканата. Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина воопшто не се ни поканети. Дел од поканетите земји се уште официјално немаат потврдено учество.

Сето ова „менување на граници“, „правила на посилниот“, „газење на меѓународното право“, па и дебатите за крај на НАТО, нешто што може да се случи ако Трамп се предомисли и сепак испрати војска на Гренланд, покренува прашања за нашиот опстанок во форма во која сега постои земјата, најмногу поради искрите со Бугарија. Загрозена ли и безбедноста, па да отидеме подалеку и постоењето на земјава, доколку продолжиме со оваа „политика на инает“ во меѓународните односи со дел од големите сили, која сега владее на Илинденска бр.2?

-Ние не водиме само инает со „дел од големите сили“, тука претпоставувам мислите на Русија и НР Кина.Ќе се задржам на нашиот однос кон Русија. Имено, нашата политика кон Русија е отворено и јавно декларирана, со конкретни акции и постапки — политика на нанесување штета на Русија и рускиот народ по секоја цена. Односно, ние сме активен чинител во активностите (дури и воени) на Брисел, чија цел е, како што тие самите го нарекуваат тоа, „стратешки пораз на Русија“. Ова апсолутно ја загрозува нашата безбедност.

За среќа, во контекст на Бугарија, и таа не е ништо помалку активна од нас во оваа војна на Брисел со Русија, па така повторно се наоѓаме на иста страна со Бугарија — а тоа во историјата никогаш не ни донело ништо добро.

 Како би се позиционирале вие како партија во целата ситуација, доколку сте на власт? Како да се задржат добрите односи со сите, без да се наштети на земјата?

-Кога престануваат да важат правилата и законите, невозможно е да се задржат добрите односи со сите. Оттука, ние и не треба да целиме кон тоа „да бидеме добри со сите“. Државната политика мора да се потпира на два столба: националните интереси и општествените вредности (принципи) врз кои е создадена оваа држава.

Антиимперијализмот е АСНОМ-ска вредност, а нашите антиимперијалистички и антимилитаристички ставови се јасни. Соработка, особено економска, сме подготвени да градиме со сите, но таа не смее да ги погазува нашите вредности.

 Во Давос, премиерот на Канада, Карни отворено рече дека долгогодишниот поредок базиран на правила е „илузија“. Трамп ги уништи врските што САД ги градеа со Европа со децении. Дали следниот претседател, ќе може да ги поправи или ова ќе биде новото нормално кога се работи за САД?

-Меѓународниот поредок никогаш не бил базиран на правила. Единствената разлика е во тоа што западниот империјализам досега функционираше координирано и хармонично, секогаш на штета на трети држави. Сетете се само на Либија, Ирак, Виетнам и слично.

Ова е прв случај по Втората светска војна во кој земјите од колективниот Запад отвораат прашања со отворени територијални апетити. Но, доколку дојде до воен конфликт, тоа нема да биде прв воен судир во рамките на НАТО.

Што се однесува до односите меѓу САД и ЕУ, тие се само потврда на максимата: „нема вечни пријателства и вечни непријателства — само интересите се вечни“. Пред само една година надворешната политика на САД и ЕУ изгледаше хармонично, денес изгледа хаотично. Односите меѓу САД и Русија, пак, до неодамна изгледаа хаотично, а денес се движат во сосема поинаква насока. Оттука, опцијата за нормализација на односите не е исклучена.

Н.П.