Истражителите во Херсон пронајдоа тела со траги на мачење: „Истрагата започна“

од Stefanija Kuzmanovska

Во неодамна ослободената украинска област Херсон, истражителите открија 63 тела со траги на мачење откако руските сили ја напуштија областа, изјави во четвртокот наутро украинскиот министер за внатрешни работи.

„Сега 63 тела се откриени во регионот Херсон, но мораме да разбереме дека потрагата штотуку започна, ќе бидат откриени уште многу зандани и гробни места“, го цитираше Денис Монастирски украинската новинска агенција „Интерфакс“.

Монастирски рече дека агенциите за спроведување на законот откриле 436 случаи на воени злосторства за време на руската окупација. Откриени се 11 притворски објекти, меѓу кои четири каде што приведените лица биле мачени.

„Истражителите во моментов ги испрашуваат и го снимаат секој случај на тортура. Се откопуваат и телата на убиените“, изјави Монастирски, пренесува „Интерфакс“.

Андриј Коваленко, обвинител во регионалното обвинителство во Херсон, изјави за „Њујорк Тајмс“ дека се собрани докази дека Русите привеле 800 луѓе во регионот. Најчестите облици на измачување на затворениците биле електрични шокови, тепање со пластични или гумени палки и гушење со прицврстување на цревото за дишење на гас-маска поставена на главите на затворениците, рече тој.

Украинските и меѓународните истражители велат дека воените злосторства се извршени во областите окупирани од руските сили од почетокот на инвазијата на Москва на Украина во февруари.

Русија негира дека нејзините сили целеле цивили и извршиле злосторства.

Масовни гробници беа пронајдени во други области претходно окупирани од руските сили, вклучително и некои со тела на цивили кои покажуваа знаци на мачење.

Руските сили минатата недела напуштија делови од областа Херсон, која беше една од првите области што беа заземени од Русија.

Претседателот Владимир Зеленски, во неговото ноќно видео обраќање минатата недела, рече дека истражителите откриле повеќе од 400 злосторства во Херсон. Тој рече дека руската армија зад себе оставила трупови, уништена инфраструктура и мини, што ги опиша како „истото дивјаштво како и во другите региони“.

Слични содржини