Истражување: Кој е најсреќен – оптимистот, песимистот или реалистот?

од Vladimir Zorba

Постојат добри причини да се биде оптимист и песимист. Оптимистите наоѓаат добри страни во сè и затоа се повесели од другите. Песимистите, од друга страна, можат да кажат дека тие никогаш не се разочарани од некои работи, затоа што од почетокот имаат мали очекувања за нив.

Сепак, можеби луѓето со реални очекувања се оние кои чувствуваат најголема психолошка благосостојба. Тоа е барем заклучок од нова научна студија, која се обиде да открие каков вид на животен став нè прави најсреќни.

Дејвид де Меса од Лондонската Економска школа и Крис Досон од Универзитетот во Бату анализирале податоци од 1.601 лица, собрани меѓу 1991 и 2009 година. Податоците ги разгледувале нивните ставови за лична среќа, финансии, задоволство од бракот и други релевантни прашања.

Со интелигентно составени прашања, истражувачите можеа да утврдат кои од овие луѓе е оптимист, кои се песимисти и кои се реалисти. Откако на овој начин ги класифицираа учесниците во експериментот, тие се обидоа да откријат која група од нив е најзадоволна од нивните животи.

Заклучокот на нивната студија е дека луѓето со реални очекувања чувствуваат поголема психолошка благосостојба од оние кои очекуваат премногу или премалку од животот. Песимистите почесто биле подепресивни од реалистите, а истото важи и за оптимистите. Реалистите најдобро ги надминале разочарувањата, додека оптимистите им било тешко да се соочат со изневерените очекувања. Песимистите исто не се покажаа добро според овој критериум, иако во теорија тие веќе треба да бидат психолошки подготвени за разочарувања.

На крајот, истражувачите истакнаа дека оптимизмот сам по себе не е лош. Проблематично е само кога сме претерано оптимисти и не дозволуваме реалноста да се вмеша во формирањето на наша позиција по одредено прашање.

Слични содржини