Ако владејачката партија мислеше дека претходниот претседател Ѓорге Иванов го прекршил Законот, можеше да поднесе кривична пријава во најмала рака за злоупотреба на службената должност со амнестијата, рече поранешниот пратеник Сафет Бишевац во емисијата „Само вистина“ на Канал 5 ТВ.,
Според новинарот Зоран Иванов, Македонија е политичка, а не правна држава.
„Невозможно е во Уставниот суд да седат правници на кои им треба 15 дена да покренат иницијатива, да видат дека ако нема член не постои дело. Далеку сме од правна држава, далеку сме од ЕУ, бидејќи во ЕУ се на прво место правото и правдата. Во некои кабинети се прават планови. На некому му одговарало по три години да се врати амнестијата, мислам дека и на едните и на другите и на третите. Ние немаме правен Уставен суд, знаеме тие како дојдоа на тие функции“, рече Иванов.
Бишевац рече дека се надева дека преку уставниот суд се случува тивка амнестија.
„Не е случајно што Уставниот суд ја разгледува после три години иницијативата. Не сакам да верувам дека ова води кон тезата за тивка амнестија за она што ни се случуваше до пред некое време, некаков процес на тивко амнестирање без сериозни казни за луѓе кои беа на истакнати позиции во државата. Треба да се види кому му е во интерес враќање на амнестијата“, рече Бишевац.
Според него, се знае кој ги влече конците и од кои мотиви.
„Јавноста сака да знае каде се парите. Невозможно е еден ипол милион евра, што не може да си ги замисли не еден човек, туку еден цел македонски град, да не знаат каде се, ако торбите биле полни со пари. Најсимптоматично од се е што сепак на таков начин се купува обвинение, слобода, се враќа пасош и слично“, додаде Иванов.
Според Бишевац, жално е што прва вест е тоа колку години затвор добил третообвинетиот во „Рекет“, Зоран Милевски Кичеец, а не Самитот на НАТО во Лондон.
„Прва вест не е Самитот на НАТО во Лондон, туку колку години затвор добил Кичеец. Тоа покажува дека како општество сме измрднати од оската. Дека ние бевме заробена држава и дека новата власт не направи ништо да излеземе од тој чекор“, истана поранешниот пратеник.
Новинарот Иванов, истакна власта ги отворила финансиите, но и јавно се гледа кој министер колку трошел и за што, како и дека е очигледно дека има промени во државата.
„Има многу големи промени. Јас порано бев уредник во една телевизија, дојдоа наеднаш 20 новинари кои не знаеја каде ќе работат, рекоа дека сакаат да ја зајакнат телевизијата и дека тие ќе работат. Тие додека не дојдоа не знаеја каде ќе одат и во кој медиум ќе работат, немаа никакви договори“, рече тој и додаде дека во ВМРО-ДПМНЕ половина од луѓето се старите кадри.