Израел го запре бомбардирањето на коридорите за евакуација: „Искористете го краткото време“

од Stefanija Kuzmanovska

Израелската армија објави дека и денеска на неколку часа го запира бомбардирањето на коридорот за евакуација и ги повика палестинските цивили да го искористат тој временски прозорец за да избегаат од северот на Појасот Газа на југ.

„Израелските сили ќе се воздржат од гаѓање на одредени области од 8 до 12 часот“, објави портпаролот на армијата Авичај Адраи на платформата X.

„За ваша безбедност, искористете го тоа кратко време за да преминете од северот на Газа кон југ“, додаде тој.

Во друго соопштение, армијата соопшти дека назначила две рути за евакуација.

Израел ги повика жителите на северот на Газа, околу 1,1 милион луѓе од вкупно 2,4 милиони жители, да побегнат на југ, поради планираната операција за уништување на исламистичкото движење Хамас.

Израелската армија објави дека 600.000 луѓе заминале од север кон југ на Појасот, пренесе ДПА.

Повеќе од 1.400 луѓе беа убиени во напад на командосите на Хамас на 7 октомври во Израел.

Повеќе од 2.750 луѓе се убиени во Појасот Газа во израелските одмазднички напади, а 9.700 се ранети, според податоците на локалните власти.

Слични содржини