Израел: Вакцината „Фајзер“ е 95% ефикасна

од Берта Китинска

Ефективноста на вакцината Фајзер е 95 проценти, а можноста лице кое примило две дози повторно да се зарази е една од 1.000, покажуваат податоците на израелскиот здравствен сервис Макаби.

Од 620 000 Израелци кои биле целосно вакцинирани, само 608 биле заразени со вирусот, објавија израелските медиуми.

Повеќето од оние кои примиле две вакцини и биле заразени со ковид-19, имале само благи симптоми или биле асимптоматски.

Од тие 608, хоспитализирани се 21 заразено лице, вклучувајќи седум кои имале сериозни симптоми, тројца умерени и 11 лесни.

Макаби објави дека повеќе од милион членови на таа здравствена услуга ја примиле првата доза на вакцината, а 720.000 биле целосно вакцинирани.

Во Израел, во меѓувреме, се отвора првиот центар за вакцинација во еден бар во Тел Авив за да се промовира имунизацијата кај младите. Центарот се отвора во четврток од 18 часот до полноќ.

Д-р Ентони Фаучи, главен советник за здравство на американскиот претседател Џо Бајден, денес ја пофали ефективната кампања за вакцинација во Израел, велејќи дека тоа покажува дека американските граѓани треба да се вакцинираат.

Тој објасни дека 78 дози на 100 луѓе биле дадени во Израел, а само 16,7 во САД, објавија израелските медиуми.

Слични содржини