Извештај за психичката состојба на Петровска: „Потегот на Ковачки е за осуда, пратениците треба да да ги почитуваат институционалните правила и етички прописи“

од Nikola Popovski

Случајот од Собранието со покажаниот документ од психијатар за психичката состојба на министерката за одбрана, Славјанка Петровска не престанува да ја бранува јавноста. Пратеникот Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ побара разрешување на министерката откако читаше извештај од психијатриско вештачење и кажа дека секој ден пиела седативи. За дел од јавноста, извештајот што беше прикажан преставува грозен чин и се смета за хајка против министерката, додека други сметаат дека пратеникот не треба да биде обвинет за наводна злоупотреба на нечија дијагноза и дека министерката лажно се претставува за жртва.

Правилна реакција или само невкусен потег за добивање политички поени е прашањето кое се поставува. Комуниколозите сметаат дека хронологијата и генезата на проблемот помеѓу министерката Петровска и пратеникот Ковачки, само покажуваат во каков театар на апсурдот и глупоста е претворен таканаречениот „највисок законодавен дом“.

Ненад Живановски-Столиќ во разговор за „Локално“ вели дека „во време кога државата е во одмината фаза на распаѓање, кога во поголемиот сегмент од своето функционирање не претставува сервис на граѓаните за остварување на нивните потребни, а во општеството владее толкава апатија меѓу населението, ова претставува дефокус од реалните проблеми“.

Ненад Живановски-Столиќ

-Да се концентрирате на една тривијална и безначајна тема за граѓаните, предизвикана од аздисани од бес политичари, кои воопшто немаат допир со реалноста, што, исто така, претставува ментална патологија, од која тврдам, иако не сум психијатар, овие две персони страдаат. Да прифатам да го коментирам ова, би значело да прифатам да глумам или статирам во претставата на овој театар на апсурдноста, која со години е на репертоарот во македонскиот парламент, вели комуникологот.

Според него, „ваквиот случај не е за осуда, туку за аплауз, бидејќи секоја успешно одиграна претстава заслужува аплауз“.

-Ако не ви се допаднала преставата, имате право да ги гаѓате актерите со скапани домати. Се е ова еден површен и неавтентичен пристап на медиумите кон проблеми, кои, или не постојат, или кои воопшто не се битни за државата, општеството и граѓаните. Или, ако сакате, по обратен редослед!? За мене, како новинар со повеќегодишно искуство, вистински проблем со кој би требале да се занимаваат новинарите, е дали како резултат на психичка непресметливост, деловна неспособност, или заговор, министерката Петровска, со останатите членови на владата, решава во подолг временски период да подарува оружје од, ионака, скромниот арсенал, и со тоа да ја поткопа или доведе во прашање безбедноста на државата, во време кога сериозна воено-безбедноста закана демна над целиот континент, прашува комуникологот.

На прашањето со подарувањето на оружјето за Украина, тој потенцира дека може да му се пристапи и од етички апсект.

-Колку пари тоа исто оружје Украина и го наплатила на Македонија во 2001 година? На пазарот на оружје, една цена е ако купувате во мирновременски услови, а друга, многу повисока, кога се наоѓате во непосредна воена опасност или сте во војна. Јасно е дека Украинците од нас наплатиле екстра профит во воената 2001 година. Каде беше тогаш нивната солидарност, кога врз Македонија беше извршена агресија, или специјална воена операција од соседната територија Косово? Тоа се прашања на кои треба да одговори министерката, и да се побара психијатриско вештачење дали била психички пресметлива и деловно способна кога решила да го уништи воениот потенцијал на Македонија, во време на глобална воена опасност, порачува Живановски.

Сеад Џигал

Од друга страна, комуникологот Сеад Џигал вели дека иако јавните функционери поради својата одговорност најчесто се оправдано изложени на поблизок увид дури и во делови на својата приватност, овој случај е за осуда бидејќи е злоупотребен документ од лична природа добиен на нелегален начин.

-Ваков тип на злоупотреби на приватни здравствени информации во политички цели треба да се осуди, а преиспитувањето на работоспособноста на јавните функционери да се проверува и потврдува во рамки на утврдените постапки и правила. Пратениците особено треба да внимаават да ги почитуваат институционалните правила и етички прописи, истакнува тој за „Локално“.

Според него, сегашните регулаторни и правни рамки се доволни, но треба само поконзистетно да се применуваат.

-Од стручна гледна точка препорачливи се различни етички или професионални кодекси како најдобар превентивен инструмент за да се избегнат проблеми или злоупотреби на имунитетот или да не се загрози слободата на говорот. Во делот на прекршочна и кривична одговорност, системот е солидно оформен, треба само да се применува доследно, оценува комуникологот.

Н.П.

Слични содржини