Јовановска: Фондот на ПИОСМ може да издржи зголемување на пензиите, тоа треба да се направи оваа година  

од Vladimir Zorba

За директорката на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Билјана Јовановска разбирливи се барањата на пензионерите за промени во методологијата на пресметката според кои пензиите треба да го следат  растот на платите.

Во интервју за „Локално“ потсетува дека Фондот е само извршител бидејќи законските измени ги носи Собранието на РСМ. Таа отвора простор за оптимизам, бидејќи како што вели, условите тоа го дозволуваат.

„Со оглед на финансиската состојба Фондот може да издржи зголемување на пензиите и јас како директор сметам дека е потребно да се направи ново зголемување на пензиите во оваа година“,вели Јовановска.

Задоволна е од постигнатото во 2021 година, а резултатите ги поткрепува со бројки: приходите се надминати за 1,3 милијарда денари над планираните, а салдото на сметките заклучно со 31.12.2021 г. е за 1,36 милијарда денари поголемо од 2020 г.

„Фондот е во добра и стабилна финансиска состојба а пензиите редовно се исплаќаат, дури и предвреме“, децидна е таа.

Соодносот на пензионери-осигуреници не е променет и тој во последните 3 години изнесува 1 пензионер на 1,8 вработени. Како причина за позитивен сигнал го посочува и фактот дека трансферот од централниот буџет кон Фондот се намалува во континуитет, па така во  2021 г., тој изнесувал 37,3% од вкупните приходи на Фондот.

Во однос на задолжителното пензионирање на 64 годишна возраст,  бројот на пензионери во последните шест месеци е зголемен за 1733 .Фондот на ПИОСМ нема податок колку работници ги продолжиле договорите за работа до 67 години, но како што вели Јовановска, сите тие ќе мора да одат во пензија до јуни 2022година.

Како прв човек на Фондот на ПИОМ се соочивте со огромни предизвици, меѓу кои секако како најголем се издвои корона вирусот. Во каква кондиција е Фондот, и дали се постигна поместување во соодносот корисник на пензија и осигуреник кој минатата година беше 1:1,81?

– Фондот е во добра и стабилна финансиска состојба. И покрај пандемијата што ја зафати нашата држава во овој период се остварија предвидените средства од придонеси и други приходи, а пензиите редовно се исплаќаат, дури и предвреме. Буџетот на Фондот во 2021 година е реализиран 99,91%, при што Фондот на ПИОСМ редовно ги сервисираше сите обврски и нема долгови. Имено, кон приватните пензиски фондови, за членовите на вториот пензиски столб, се префрлени 9,7 милијарди денари, што е реализација од 100%, додека кон Фондот за здравствено осигурување, по основ придонеси за пензионери, се исплатени 8,1 милијарда денари или 100% реализација.

Приходите се надминати за 1,3 милијарда денари над планираните, а салдото на сметките заклучно со 31.12.2021 г. е 6,28 милијарди денари или 102 милиони евра и е за 1,36 милијарда денари поголемо во споредба со 2020 г.  Соодносот на пензионери-осигуреници е ист последните три години- 1 пензионер на 1,8 вработени и тука нема промени.

Во делот на насоченост кон корисниците на услугите на Фондот и нивно приближување со цел полесно и побрзо остварување на правата од ПИО, во 2021 година истиот стратешки се насочи кон дигитализација на процесите, меѓу кои и целосно електронско аплицирање за остварување право од ПИО, за што постојат предуслови (ИТ опременост, софтверски апликации, како и подготвени и обучени човечки ресурси), но се чека на измените на законската регулатива во делот на дигитализација на законите, по што ќе се отпочне со реализирање на проектите.  Паралелно со тоа во 2021година во Фондот започнавме и низа други проекти. За да им се олесни на граѓаните кои имаат некомплетни податоци за стаж во Фондот, преку Проект за администрирање на социјалното осигурување -СИАП, се работи на консолидација на податоците од образците М4. Исто така се работеше на осовременување и надоградба на информатичкиот систем, а во фаза на изработка е и апликативно решение за целосна автоматизација на процесот на буџетирање во Фондот. Фондот на ПИОСМ во моментов има две електронски услуги на националниот портал www.uslugi.gov.mk со кои на граѓаните им се овозможува по електронски пат да добијат Потврда за користење на пензија и Евиденција за стажот на осигурување, а во тек е развој и имплементација на уште најмалку десетина други услуги. Фондот преку Платформата за интероперабилност исто така е поврзан со Управа за водење ма матични книги, Централен регистер, Агенција  за супервизија за капитално финансирано пензиско осигурување. Потпишавме и договор со АЕК за Вклучување во системот за сајбер безбедност, со што ќе се овозможи безбедносен надзор и заштита на протокот на податоци во мрежниот сообраќај, во реално време, како и откривање на напредни  сајбер напади и закани.

Колкава е актуелната зависност на буџетот на Фондот од централниот буџет? Во едно од вашите последни интервјуа изјавивте дека таа се намалува, па оттука и прашањето колку изнесува тој процент сега?

-Трансферот од централниот буџет кон Фондот се намалува во континуитет со реформата од 2019 година. Оваа 2021г трансферот изнесуваше 30.580.000.000 или 37,8% од вкупните приходи на Фондот. Проекциите за следната година се дека тој ќе се намали за 2,2% за што во делот на трансфери од централниот буџет планирани се 29.658.000.000 денари или во проценти 35,6% од вкупниот буџет што е предвиден за Фондот за 2022г. Само за споредба во 2017г овој процент беше 43%,  а во 2018г 42%. Но во овој трансфер влегуваат и транзициските трошоци што фондот ги префрла кон приватните пензиски фондови. Во приватните фондови членуваат 548 илјади осигуреници, а Фондот на ПИОСМ кон нив префрла 6% од 18,8% пензиски придонес. Секако дека тоа ги намалува вкупните приходи на Фондот, но тоа се проектирани трошоци кои државата се обврзала да ги покрива кога го дизејнирала тростолбниот пензиски систем во 2003 година. Дополнително, Фондот го плаќа здравственото осигурување на пензионерите, што е 10% од вкупните расходи на ПИОСМ. Тука се и поповолните пензии и гарантираната минимална пензија од 10 487 денари, која исто така се исплаќа со поддршка од централниот буџет.

Според сегашната законска регулатива, пензиите се усогласуваат два пати годишно, на 1 јануари и на 1 јули, и усогласувањето зависи од инфлацијата.Партијата на пензионери бара исполнување на ветувањето според кое пензиите треба да го следат и растот на платите,односно нова методологија што ќе овозможи просечната пензија да биде 60 проценти од просечната плата, а минималната пензија да биде 70 проценти од минималната плата. До каде е целиот процес?

-За да се направат промени и да се овозможи растот на платите да влезе во пресметката за усогласување на пензиите потребни се законски измени, а законите ги носи Собранието, во случајов, на предлог на Министерството за труд и социјална политика или на пратениците. Фондот е само извршител, институција која е сервисно ориентирана кон граѓаните и ги спроведува законите. Така што ако бидат направени законските измени, Фондот ќе ги спроведе. Со оглед на финансиската состојба Фондот може да издржи зголемување на пензиите и јас како директор сметам дека е потребно да се направи ново зголемување на пензиите во оваа година.

Речиси една година по стапувањето на сила на измените на Законот за задолжително пензионирање на работници на 64 години кај мажи и 62 години кај жени е доволна да се направат првичните анализи.Дали беа основани стравувањата на јавноста дека ќе дојде до наплив на пензионери кои дополнително ќе го оптоварат Фондот?

– Измените на Законот за работни односи кои беа донесени во јули 2021година, а со кои пензионерирањето на 64 години возраст стана задолжително, не предизвикаа наплив на нови пензионери. Евиденцијата на Фондот покажува дека од јуни 2021г (пред носењето на измените на Законот) до сега, бројот на пензионери е зголемен за 1 733. И до носењето на законото постоеше можноста за пензионирање со 62/ 64 годишна возраст, со можност за продолжување до 67 годишна возраст. Но со измените на законот е предвиден и преоден период, односно работниците можеа да поднесат изјава до 31 август за продолжување на договорот за вработување и да останат на работа најдоцна до јуни 2022година. Тие изјави работниците ги доставуваа до своите работодавачи, така што ние како Фонд сега немаме податок колку работниците го продолжиле договорот за вработување. Како и да е сите тие ќе мора да одат во пензија до јуни 2022година. Но не очекуваме голем наплив на нови пензионери.

Како Фондот ја заврши 2021 година? Колкави се вкупните приходи во Фондот на ПИОМ и дали треба да бидеме задоволни?

Јас лично сум задоволна како ја поминавме годината. Во периодот јануари–декември 2021 година Фондот остварени вкупни приходи во износ од 81,9 милијарди денари, а вкупните расходи на Фондот за истиот период се во износ од 80,6 милијарди денари, односно вишок на приходи над расходите во износ од 1,3 милијарди денари или 22 милиони евра, што покажува позитивен параметар за остварување на целите  и обврските за правата на пензиското и инвалидското осигурување во Република Северна Македонија.

Во делот на правата од ПИО, истите се остваруваат во рамките на законските рокови, дури и побрзо. Посебно сакам да го потенцирам успехот кој е постигнат во делот на правата од инвалидска пензија и правото на гарантирана минимална помош, каде од затекнатата состојба на 01.01.2021 г. од 2.200 нерешени предмети, сега таа е 137 нерешени предмети (причината е некомплетна документација или нејавување на поканата за задолжителен преглед). Во текот на 2021 година од страна на Комисијата за оцена на работна способност беа донесени 5.082 наоди, оценки и мислења, за права од инвалидност и право на гарантирана минимална помош.

К.В.С.

Слични содржини