Во изјавата со која се потврдува одложувањето на мечот со Ливерпул поради упадот на навивачите на „Олд Трафорд“, Манчестер Јунајтед во неделата објави дека ќе соработува со полицијата, а во понеделник беше објавено дека навивачите кои учествуваа во немирите дефинитивно ќе бидат казнети.
Двајца полицајци беа повредени при упадот на навивачите на „Олд Трафорд“ во неделата, едниот беше „нападнат од шише и претрпе сериозно расекување на лицето, поради што итно мораше да биде пренесен во болница“.
Манчестер соработува со полицијата за да можат да се идентификуваат сите кои учествувале во немирите, а оние за кои е докажано дека учествувале во немирите и уништувањето на имотот може да се соочат со забрана за влегување на стадион од шест натпревари. За оние кои учествувале во криминално однесување и биле агресивни, тие се соочуваат со потешки казни.
Клубот е фокусиран на идентификување на сите немири, но беше нагласено дека оние што протестираа мирно, иако беа на теренот на стадионот, може да не бидат казнети.
„Клубот нема желба да ги казни оние што мирно го искажаа својот став, но соработува со полицијата за да можат да се идентификуваат оние кои биле агресивни и учествувале во криминални активности, а самиот клуб ќе воведе дополнителни казни за сопствениците на сезонски билети“, – се вели во клупското соопштение.
Во Јунајтед ја отфрлија можноста што се споменуваше во неделата, и сметаат дека никој од вработените на стадионот не им ги отворил портите на навивачите и не ги пуштил да влезат внатре.
„Наводите што се појавија во некои медиуми и кои тврдат дека навивачите влегле на стадионот откако некој им ги отворил портите, се целосно неточни. Откако ги пробија заштитните огради, некои од демонстрантите се искачија на портата на крајот од „Минхен тунелот“, насилно влегоа преку портата на трибините пред да го отворат страничниот влез на теренот за другите“, рече клубот во изјава.
„Вториот пробив се случи кога навивачите ја скршија вратата на влезот за лицата со попреченост и со тоа им овозможија на една група да влезе. Повеќето навивачи го осудуваат ова однесување, предизвикувајќи штета и агресија кон вработените во клубот, полицијата и другите навивачи кои беа присутни, а тие луѓе сега се проблем за полицијата“, додаде тој.
Сè уште нема официјални информации за новиот датум на натпреварот. Една од опциите е да се игра на денот на финалето во ФА купот, но потоа и дуелот на Ливерпул со Вест Бромвич Албион, исто така, ќе треба да се одложи.
„Информациите за новиот датум на натпреварот и можните начини на кои тоа би влијаело на некои други натпревари ќе бидат објавени по договорот со Премиерлигата“, заклучено е во изјавата на Јунајтед.