Каевски: Најдобрата анкета ќе биде на денот на изборите

од Nikola Popovski

Портпаролот и пратеник на СДСМ, Дарко Каевски е убеден дека кандидатот на проевропскиот фронт на СДСМ-ДУИ ќе победи на претседателските избори. На прашањето дали ќе излезат со консензуален кандидат, Каевски не одговори конкретно, посочувајќи дека се прават анализи и врз основа на тие, ќе излезат со името на кандидатот.

-Како што ѝ личи на една демократска и најголема партија во државата, ќе излеземе во јавноста и ќе ги соопштиме нашите видувања, кои се пред се, видувања на граѓаните, кажа Каевски во емисијата на „Слободен печат“.

Околу тоа дали ДУИ размислува да излезе со свој кандидат за претседател на државата во првиот круг од изборите, Каевски вели дека секоја партија си носи одлуки и секоја партија си има своја одговорност.

-Разговорите се во тек со сите партии кои се дел од владеачкото мнозинство. За кратко време ќе ги имаме сите информации, додаде Каевски.

До крајот на месецов и почетокот на март, СДСМ ќе ги има носителите на изборните листи, обелодени портпаролот на партијата.

За последните анкети и рејтинзите меѓу граѓаните, Каевски вели дека најдобрата анкета ќе биде на денот на изборите.

-Видовме организации кои прават анкети, кои што во 2020 година типуваа дека ВМРО-ДПМНЕ ќе победник на парламентарните избори и дека Силјановска-Давкова ќе биде претседател во 2019 година. Ние сме убедени во делот на мандатот и победата. Патот кој што го трасираме е вистинскиот, со сите маани и недоследности што сме ги имале. Чесно е да се каже и дека за одредени работи имаме одредени слабости, подвлекува пратеникот.

Слични содржини