Како да отстраните гел и гел-лак во домашни услови?

од Elena Daskalova

Поради моменталната ситуација, доколку вашите нокти се изработени со гел или маникирани со гел-лак, можеби е невозможно да добиете термин кај козметичар, бидејќи салоните не работат, а и тие треба да ги заштитат своите семејства.

Отстранувањето на гелот и на гел-лакот не е лесно, особено не со обичниот отстранувач на нокти што содржи помал процент на ацетон во себе. Всушност, користење на неквалитетен отстранувач на лак е многу честа грешка. Најлесно отстранува отстранувачот со голем процент ацетон или пак, 100% ацетон.

Гелот на ноктите најефикасно се отстранува со турпија, но во тој случај може да настане механичко оштетување на ноктот и да дојде до инфекција. Кај гелниот лак може да помогнат токму претходно споменатите отстранувачи со висок процент на ацетон.

Доколку не најдете таков отстранувач, можете и со обичен, но ќе треба да го држите многу долго околу ноктот, барем еден час. Поконцентриран отстранувач го скратува ова време.

Како да го направите тоа?

Парче памук натопете го во отстранувачот и ставете го на ноктот. Зацврстете со држачи, изработени од гума, кои личат на напрсток, или пак завиткајте ги во алуминиумска фолија.

Со оглед на тоа што ќе ви требаат најмалку 30 минути, а можеби и повеќе, правете го ова кога не брзате никаде и кога имате повеќе време, во случај да треба да ја повторите процедурата. Вадете ги „напрстоците“ најпрво од двата палци и гребете го омекнатиот гел или гел-лак со помош на другиот нокт. Потоа, продолжете со другите прсти, еден по еден. Нокт од нокт е одличен метод за отстранување на гелот бидејќи се доволно цврсти и не можат да нанесат механичка повреда.

Доколку има потреба, повторете ја процедурата. Не заборавајте по третманот да ги измиете рацете со сапун. На ноктите нанесете заштитен третман, а на рацете задолжително намачкајте хидратантна крема или хранлива маст, за да се избегне сувост на кожата на прстите.

Слични содржини