Канада најави задолжителна вакцинација на федералните јавни службеници

од Vladimir Zorba

Канадските федерални јавни службеници, како и патниците во возовите и авионите, наскоро ќе треба да се вакцинираат поради „Ковид-19“, објави во петокот владата на канадскиот премиер Џастин Трудо, соочена со зголемен број случаи на инфекции во земјата.

Датумот на стапување во сила на оваа мерка ќе биде објавен во наредните недели. Но, треба да се примени „брзо“, а најдоцна до крајот на октомври за транспортниот сектор, рече Доминик Лебланк, министер за меѓувладини прашања, на брифинг со новинарите.

Канадската влада е „најголемиот работодавач во земјата“, потсети министерот, а федералните јавни услуги бројат околу 300.000.

Отава работи паралелно со јавните претпријатија, како што е Канадската пошта, за да се осигура дека мерката се применува и таму.

„Сите овие напори се насочени да и помогнат на Канада да ја постигне имунизацијата што ни е потребна за повторно отворање на нашата економија, отворање и заштита на илјадници луѓе“, додаде министерот Лебланк.

Министерот не најави можни санкции против невакцинирани државни службеници, велејќи дека очекува вработените да ја почитуваат мерката.

Околу 71 процент од 38 милиони Канаѓани примиле една доза од вакцината, а речиси 62 проценти биле целосно вакцинирани.

Слични содржини