Ќе се повлече ли предлог-законот мaж да стане жена и обратно, со изјава на нотар?

од Берта Китинска

Владата одлучила да го повлече законот за промена на полот кој веќе е во Собрание. Оваа информација доцна синоќа за ТВ21 ја потврди првиот вицепремиер Артан Груби.

Доколку пратениците ги изгласаа промените на Законот за матична евиденција предложен од Владата само со изјава заверена од нотар ќе можеше да се промени полот.

За предлогот кој е во собраниска процедура со европско знаменце за партијата од власта како и од опозицијата е неприфатлив.

-Алтернатива не може да поддржи нешто за што не била консултирана. Ваков чувствителен закон не може да се предлага без никаква претходна дискусија и консултација, велат од Алтернатива за „Локално“.

Според нив оваа не е само прашање на темата дискриминација, туку тоа опфаќа и научно и културно, и етичко и правно и политичко прашање, за кое им треба повеќе време, повеќе консултација и повеќе аргументација.

-Се додека сме справени пред ваков чин, не можеме да го поддржиме овој предлог закон. А вие знаете дека ние сме конзервативна партија, која се грижи за традиционалните вредности и традиционалното семејство, па за нас се што задира на таквите вредности е неприфатливо,објаснуваат од партијата.

Најголемата опозициска партија, смета дека власта овој закон повторно се обидува да го протне преку злоупотреба на законската процедура со европско знаменце и дека тој е уште еден нивен експеримент.

-ВМРО-ДПМНЕ е против ова законско решение кое претставува вовед во идна измена на Законот за семејство каде се уредени бракот и семејството како заедница помеѓу еден маж и една жена. ВМРО-ДПМНЕ ќе се спротивстави на начинот на кои СДСМ и ДУИ планираат да го подменат овој Закон, појаснуваат од ВМРО-ДПМНЕ за „Локално“.

Предлог-законот за матична евиденција е влезен во собраниска процедура велат од СДСМ, за да се дојде до најдоброто можно решение.Појаснувајќи дека преку овој закон ќе се заштитат граѓаните и буџетот плаќајќи ги отштети како резултат на одлуките на Судот за човекови права во Стразбур.

Владата предлага да се додаде одредба со која се прецизира дефиницијата на родовиот идентитет:

„Родов идентитет претставува внатрешно и индивидуално доживување за род на секое лице, кое може или не кореспондира со полот којшто е одреден со раѓање, вклучително личното чувство за телото и други манифестации на родот, како што се: име, облека, говор и манири“.

Со предложените одредби се олеснува постапката со тоа што се сведува на декларирање од страна на личноста и заверување на нотар.

„Копија од лична карта на барателот за правно признавање на родот, изјава од барателот за правно признавање на родот заверена од нотар во форма на нотарски акт дека родовиот идентитет не е во согласност со полот назначен во матичната евиденција во моментот на раѓање“.

Б.М.

Слични содржини