Кичевски: Важам за еден од „полошите“ директори бидејќи не дозволувам јавувања за да не се плати казна за непрописно паркирано возило

од Vladimir Zorba

100 дневни паркинг карти, ова е еден од неславните примери на прекршители на сообраќајните правила. Прекршител е скопјанка која морала да земе кредит за да си ги подмири долговите. Сообраќајната свест и култура на скопјани е се уште на ниско ниво но таа, според првиот човек на ПОЦ, Васко Кичевски може да се зголеми преку едукација, и со репресивни мерки како парични казни и одземање на дозволата и возилото.

На паркиралиштата на ЈП ПОЦ постојано има прекршувања, но најголем метеж и сообраќајни прекршоци има во четврток и петок и тоа во населбата Дебар Маало. Дневно „Пајак“ службата отстранува од 20-30 непрописно паркирани возила, но податокот кој најмногу разочарува е дека дел од нив се возачи кои постојано ги оставаат возилата надвор од обележаните паркинг места.

Во интервју за „Локално“ Кичевски признава дека секојдневно се соочува со познатата македонска пракса на јавување по сторен прекршок за простување на казната.

Најавува дополнителени паркинг места во Дебар Маало и Буњаковец, а во насока на зголемување на бројот на граѓани кои услугите на ПОЦ ќе ги користат по електронски пат Кичевски вели дека деновиве ќе биде пуштена во употреба новата верзија на апликацијата со дообјаснувања за користење. Се согласува дека цената за паркирање е висока во однос на стандардот на граѓаните но целта е вели, да се дестимулира употребата на авомобилите наспроти употребата на јавниот превоз.

„Никаде во светот не постои јавна администрација или приватна компанија каде секој од вработените оди на работа со сопствено возило. Ваквите навики и начин на функционирање се неиздржливи ниту за Општина Центар, ниту за Градот Скопје”.

Една недела од почетокот на проектот за отстранување на хаварисани возила и напуштени приколки, Кичевски е задоволен од интересот.Првите возила ќе бидат дислоцирани од понеделник, прво ќе се отсрануваат само возилата за кои има согласност од сопствениците а потоа ќе бидат остранети сите возила.

Очекува финансиските извештаи да покажат дека панедимската 2020 година претпријатието ја завршило на позитивна нула или со минимална загуба.

Паркинзи Центар се ревносни во дислоцирањето на непрописно паркираните возила.Колкав е просечниот број на дневно ниво на прекршувања од овој тип? Имате ли можеби анализа во кои периоди од денот, неделата и годината граѓаните најчесто одлучуваат да ги „заобиколат“ правилата?

– Непрописно паркирани возила се секојдневие по скопските улици. ЈП Паркинзи на Општина Центар секојдневно се соочува со овој проблем и во рамките на своите можности и надлежности, а со цел воведување ред во паркирањето, редовно ги санкционира непрописно паркираните возила на територија на Општина Центар бидејќи тие претставуваат безбедносен проблем како за сообрајќајот така и за пешаците.
На паркиралиштата на ЈП ПОЦ постојано има прекршувања, но најголем метеж и сообраќајни прекршоци има во четврток и петок, особено во населбата Дебар Маало, кога по завршување на работните обврски овој дел од градот станува место каде што сите се забавуваат.
Нашата „Пајак“ службата отстранува од 20-30 непрописно паркирани возила, но податокот кој најмногу разочарува е дека дел од нив се возачи кои постојано ги оставаат возилата надвор од обележаните паркинг места. Се надевам дека со последните измени на Законот за безбедност во сообраќај оваа слика ќе се промени.

Веројатно имате јавувања во обид да не се плати предвидената казна?

– Да, но во тој поглед важам за еден од “полошите” директори. Доколку дозволам пропуштање на возило јас станувам соучесник во креирањето на хаосот со непрописно паркирање во градот, а со тоа не му помагам на возачот кој го направил прекршокот затоа што ако еднаш се провлече на таков начин, непрописното паркирање ќе му стане навика.

Како да се зголеми свесноста на граѓаните за прописно паркирање на возилата?

– Постојат два начини како да се зголеми сообраќајната свест и култура. Едниот начин е преку едукација на долг рок која ќе придонесе да се изгради свесност за одговорно учество во сообраќајот од страна на сите негови учесници. Ние за таа цел се до почетокот на Корона кризата во сите средни училишта ја спроведувавме кампањата „Паркирај совесно!“ која беше насочена кон едуцирање на најмладите идни активни учесници во сообраќајот и планираме да ја продолжиме оваа кампања веднаш по завршување на пандемијата. Вториот начин е преку репресивни мерки, како парични така и построги мерки како на пример одземање на возачката дозвола или пак одземање на возилото ако тоа е потребно.

Како ПОЦ финансиски ја заврши 2020 година? Колку средства влегоа во касата на Пајак службата а колку од поставувањето на т. блокатор?

– Уште е рано да го претставам финансискиот извештај за 2020 година бидејќи податоците сѐ уште се обработуваат. Но, според првичните сублимации очекуваме претпријатието да ја заврши годината со позитивна нула или минимална загуба како резултат на пандемијата предизвикана од вирусот Ковид-19.

Имате ли некои неславни рекорди на прекршители во паркирањето?

– Да, имаме многу такви примери. За пример би го земал случајот со една госпоѓа која имаше повеќе од 100 дневни паркинг карти и на крајот беше потребно да земе кредит за да си ги подмири долговите. Ова е неславен пример и нашата цел не е некого да казнуваме 100 пати за една иста работа. Редот и правилата важат за сите и нивното непочитување доведува до несакани последици кои можат да го пореметат нормалниот тек на животот.

Центарот на Скопје одамна има проблем во однос на потребен број паркинг места. По отворањето на двата паркинзи кај Зелен Пазар, дали има план за нови паркинг места или можеби некој тип на гаража?

– На оваа тема постојано дискутираме со градоначалникот Саша Богдановиќ и нашата желба е да отвориме уште три нови паркиралишта со помош на т.н монтажни гаражи. ЈП ПОЦ нема финансиски средства за да финансира еден ваков проект без поддршка од Општината или пак државата, но во најитно време мора да се обезбеди дополнителен паркинг простор во населбите Дебар Маало и Буњаковец каде што проблемот со паркирањето е очигледен.

Колку граѓани ги користеле услугите на ПОЦ по електронски пат? Дали сте задоволни и како да се зголеми нивниот број?

– Бројот на граѓани кои ги користат нашите услуги по електронски пат се зголемува од ден за ден и за тоа сум многу среќен. Уште кога бев назначен за директор на ЈП ПОЦ имав за цел да направам целосна дигитализација на претпријатието за да им овозможиме на корисниците брзо, лесно и едноставно користење на услугите. Деновиве ќе ја пуштиме новата верзија на апликацијата која е доста подобрена од првичната верзија, пред се со дообјаснувања за користење на апликацијата. Дигитализацијата на претпријатијата треба да биде врвен приоритет на цела држава бидејќи само на овој начин ќе фатиме чекор со европските стандарди на функционирање.

Дали се размислува за измена на цената за паркирање и начинот на плаќање?

– Цената на паркирање е поприлично висока имајќи го во предвид стандардот на граганите. Целта за високата цена на паркингот е да се дестимулира употребата на автомобилите, а да ја стимулира употребата на јавниот превоз бидејќи центарот на гардот е преоптоварен со возила и не може да ги прифати сите возила кои гравитираат на територија на Општина Центар. Никаде во светот не постои јавна администрација или приватна компанија каде секој од вработените оди на работа со сопствено возило. Ваквите навики и начин на функционирање се неиздржливи ниту за Општина Центар, ниту за Градот Скопје.

Дел од жителите на Центар се жалат дека иако плаќаат за паркинг место пред зградата во која живеат тешко можат да најдат слободно место. Како овој проблем може да се регулира во иднина?

– Жителите на Општина Центар плаќаат само административна такса од 100 денари за продолжување на договор или пак 350 денари ако тој договор е истечен повеќе од еден месец или ако е нов договор. Тоа е минимална сума кои центарци ја плаќаат на годишно ниво. Дел од проблемот е што и самите жители место да ги паркираат возилата во склоп на парцелата каде што живеат, тие ја оставаат на јавен паркинг бидејќи им е полесно или пак купуваат стан во нова зграда а не купуваат паркинг простор, а најголем проблем за недоволен број на паркинг места на паркиралиштата е што голем дел од жителите имаат и по две,три возила по стан.

Го почнавте проектот “Да го исчистиме Центар од хаварисани возила и напуштени приколки”. Колку сте задоволни од одзивот на граѓаните во првата недела од стартот на проектот?Колку возила и колку приколки се отсранети а уште колку чекаат на дислокација?

– Јас лично сум многу задоволен од одзивот и желбата на центарци да си ја средат околината каде што живеат. Првите возила ќе бидат отстранети наредната недела бидејќи и процесот на отстрануање е со предходна согласност од сопствениците. Но големата заинтересираност е позитивна и многу ме радува. Заштитата на животната средина е наш врвен приоритет.

Дали за отсранување на старо возило треба да се јави само сопственикот или тоа може да го стори и сосед?

– Во првата фаза ќе ги отстрануваме само оние возила кои ќе имаат согласност од сопственикот, а во втората фаза заедно со МВР ќе ги отстраниме сите останати хаварисани возила.

К.В.С.

Слични содржини