Кина ги критикуваше САД: Создавате проблем

од Симе Стоиков

Кина го критикуваше заострувањето на американските правила за извоз на полупроводници, велејќи дека со тоа создаваат поголеми трговски бариери и поголема несигурност во индустријата за чипови.

Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден минатата недела ги ревидираше правилата што го отежнуваат пристапот на Кина до американските чипови за вештачка интелигенција и алатки за правење чипови, што е дел од пошироките напори за слабеење на кинеската индустрија поради загриженоста за националната безбедност, пишува Ројтерс.

„САД го проширија концептот на национална безбедност, произволно ги ревидираат правилата и ги зајакнаа контролните мерки. Ова не само што покрена повеќе пречки и наметна поголем товар за усогласување на кинеските и американските компании кои сакаат да соработуваат економски и нормално да тргуваат, туку исто така создаде огромна неизвесност за глобалната полупроводничка индустрија“, објави кинеското Министерство за трговија.

Минатиот октомври, САД воведоа правила за забрана на извоз на напредни чипови, што ги погоди компаниите како Nvidia и AMD. Кина е подготвена да соработува со сите страни за да ги зајакне меѓусебните придобивки и да ја промовира безбедноста и стабилноста на глобалната индустрија за полупроводници и синџирот на снабдување.

САД го ограничија пристапот на Кина до технологијата на полупроводници од 2019 година, кога администрацијата на тогашниот претседател Доналд Трамп му забрани на кинеската Huawei да купува витална американска технологија и забрани нејзината опрема да се користи на американските телекомуникациски мрежи.

Слични содржини