Клубот „Никола Вапцаров“ нема да се затвори, Стојков: Кирјаков е манипулатор кој работи против македонските организации

од Nikola Popovski

Иако вчера претседателот на градскиот комитет на ОМО „Илинден“ од Благоевград, Атанас Кирјаков објави дека македонскиот клуб „Никола Вапцаров“ ќе биде затворен, денеска од нерегистрираната партија на Македонците во Бугарија, ОМО Илинден-Пирин информираат дека тоа се шпекулации. Копретседателот на партијата, Стојко Стојков за „Локално“ кратко изјави дека Кирјаков е манипулатор и провокатор.

-Тој работи против сите македонски активисти и организации овде и јас немам намера да го коментирам него и неговите лаги и полувистини. Воопшто не знам зошто македонските медиуми го сфаќаат за сериозен, ни рече Стојков.

Стојко Стојков

Од ОМО „Илинден“ – Пирин денеска објавија дека клубот не се затвора, но ќе мора да се премести, затоа што сопствениците беа заплашени неколку пати и не смеат да продолжат со договорот.

-Сите членови на сите Организации се канети и примани во клубот. За присуство во клубот и учество во неговите активности или организираните од него свечености од никого ништо не е барано. Бугарските власти вложуваат огромен напор да не дозволат да се отворат македонски клубови или да им се одземат просториите на оние што постојат. Во такви услови ширењето на навреди, дезинформации и полувистини само дополнително ја влошува и без тоа тешката борба на Македонците во Бугарија, велат од ОМО „Илинден“ – Пирин.

Апелираат кон медиумите за повеќе професионализам и до сите Македонци да не веруваат на непроверени негативни информации.

Кирјаков вчера објави дека причината за затворањето на клубот е тоа што „тој бил под кирија за рок од шест месеци, но сега газдарицата на приватната просторија во која бил сместен, не сака нов договор за наем со сегашните наематели на просторијата“.

Kлубот беше отворен на 30 октомври минатата година, во присуство на засилено полициско обезбедување, кое беше проследено со вербален инцидент, а на македонската делегација не и беше дозволено да положи цвеќе пред споменикот на Гоце Делчев на градскиот плоштад.

На отворањето на клубот присуствуваа претставници од ОМО Илинден-Пирин, генералниот секретар во Кабинетот на претседателот на државата Миле Бошњаковски, како и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и на Левица Димитар Апасиев и делегација од партијата Демократски сојуз.

Пред два месеци клубот беше демолиран, при што беа искршени стаклата. За среќа, во клубот во тој момент немало никој.

Клубот е основан со финансиска помош на Македонците Глигор Цанев и Минчо Остас од Торонто и Македонско меѓународно здружение за човекови права во Канада, на чие чело е Бил Николов, канадски државјанин со македонско потекло.

Н.П.

Слични содржини