Конфедерација на работодавачи: Новите антикризни мерки не ги опфаќаат сите групи на граѓани

од Nikola Popovski

Владините мерки за финансиска поддршка на најранливите и препораките за намалување на расходите на буџетските корисници ги изненадија работодавачите. Главните забелешки на дел од нив се однесуваат на опфатот и на доцнењето на мерките наменети за помош на стопанството.

Новите антикризни мерки не ги опфаќаат сите групи граѓани. Тие се насочени кон социјално ранливи категории но без оглед на социјалната состојба, сите граѓани треба да се чувствуваат згрижено, вели за Локално, Миле Бошков од Конфедерацијата на работодавачи.

Носењето на сет мерки за помош на стопанството за полесно справување со енергетската криза , владата го одложи за крајот на овој месец, што според Бошков се должи на калкулации со “непознатото”, на слабата предвидливост што ќе се случи во поблиска и подалечна иднина, и на неизвесниот исход од преговорите што се водат за снабдување со енергенсите.

Задоцнетоста само го одложува решението, а со самото тоа и планот за одржливост. Пролонгирањето води кон одложено “умирање” наместо кон навремено соочување и изнаоѓање решение, вели Бошков.

Делот од препораките кој се однесува на намалување на расходите Бошков смета дека води кон намалување на платите со еден потег, а причината ја лоцира во слабата координација во управувањето со јавните расходи и финансии.Синдикатот на УПОЗ алармираше дека мерките не само што предвидуваат намалување на платите, на прекувремената работа и работа со ротации, туку и суспензија или укинување на колкетивните договори. Вицепремиерот Битиќи ги отфрли ваквите наводи, потенцирајќи дека кризата не е период на калкулации.Владините мерки и препораки не се насочени кон никого лично, рече тој, туку се дадени совети што треба да бидат спроведени од институциите на локално и централно ниво, од ЈП и АД-а.

 Се е начин на заштеда во овој период. Тоа не е документ и не е насочен кон УПОЗ, тоа оди во насока на креирање на методологијата и на законот за плати, така да, сеопфатно ќе се дадат резултатите, рече Битиќи.

К.В.С.

Слични содржини